Вие сте агроекономист, па може ли да ги протолкуваме двата процеси, од една страна сериозни вложувања во аграрот, а од друга страна стапката на увоз на храна?
Димитриевски: Македонија подолг период води сериозна и сложена политика во делот на земјоделството. Тука не влегува само тоа што се случува во ресорното Министерство, туку и други политики кои се компатибилни и придонесуваат во делот на поддршката на земјоделско-прехранбениот сектор целосно, како и поддршката кон тие што се занимаваат со производство на храна.
Кога зборуваме за аграрната политика на Македонија, се издвојуваат неколку периоди почнувајќи од 1991 година кога првпат се гради сопствена аграрна политика. Јас би го истакнал периодот по 2006 и 2007 година кога првпат дојде до сериозно зголемување на буџетската поддршка и поинтензивни реформи и системски пристап во водењето на аграрната политика. Ќе ги спомнам доходовните поддршки, а тоа се програмите за финансиска поддршка на земјоделството и поинтензивното зголемување на вториот столб, на програмите за рурален развој, кои ќе мора да се третираат посериозно во иднина.
Кога зборуваме за системското водење на аграрната политика, по 2007 година се случуваат посериозни приспособувања кон заедничката аграрна политика на ЕУ бидејќи како земја-кандидат Македонија има сериозни задачи во приспособувањето на сето тоа што значи земјоделство и храна. Искуствата покажуваат дека најсериозни тешкотии и најопсежни приспособувања имало токму во тој сектор. Педесет проценти од буџетот на ЕУ до скоро беше наменет за земјоделството. Околу 60-70 проценти од севкупното законодавство на ЕУ се однесува на земјоделството и сето тоа ќе мора да се вметне во нашето законодавство.
Тоа има влијание кај земјоделските производители. Во Македонија од 2007 година кај директните земјоделски производители влегуваат сериозни средства. Програмите се објавени, утврдени се мерките, аграрната политика веќе е системски поставена, заокружена во правна рамка и мерките се креираат во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој и во согласност со потребите. Основната цел е да се зголеми конкурентната способност на македонските земјоделци за да може да настапуваат на пазарите.
Изработени се стратегии за развој на земјоделството – првата во 2007 година и се однесуваше на периодот до 2013 година, на таа се надгради Програма за развој на земјоделството во РМ и сега веќе е направена и Стратегија за периодот 2014-2020 година. Сериозно се работеше на институционално зајакнување, се формираше Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, без која не можеме да ги користиме европските средства од програмата за претпристапна помош.
Сето тоа беше создавање предуслови да можат да бидат сериозно поддржувани сите што работат и живеат од земјоделството. Без такви институционални капацитети не може да се спроведуваат опсежни политики.
Прашањето сега е колку земјоделците и другите производители на храна, компаниите, ќе успеат да го приспособат производството и да ги исполнат условите за да добијат финансиска поддршка. Ако погледнеме на почетокот или пред 2006 година колку земјоделци добивале субвенции, а колку денес има во регистарот на земјоделски стопанства што добиваат поддршка, може да се види дека разликата. Денес во тој регистар има до 100.000 земјоделски стопанства.
Често се дебатира прашањето за производството на храна и растот на увозот на храна, но мора да се стави во друг контекст, дали расте доходот на населението, дали имаме увоз поради извоз, што ни се случува во одделни потсектори, но и во контекст на едно поинтензивно зголемување на извозот на храна. Вистина е дека расте и увозот на храна, но сигурно е дека Македонија секогаш ќе увезува одредени количества храна – ниедна држава не затвора увоз на храна. Второ, од 2008 година целосно е спроведен договорот со Светската трговска организација, имаме Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, ние сме членка на ЦЕФТА и имаме многу билатерални договори за слободна трговија.
Што значи тоа на терен?
Димитриевски: На терен тоа значи дека Македонија сѐ помалку и помалку ќе може да користи таканаречени ценовно-пазарни мерки со кои ќе го заштитува пазарот, ќе забранува поинтензивен увоз и на тој начин ќе фаворизира домашно производство. Јас не велам дека тоа не е добро и дека нема да може да се прави во одредени периоди кога ќе настанат сериозни нарушувања на пазарот, тоа е предвидено и со договорите, меѓутоа тоа не може да биде интензивно и тоа е една од причините за еден поинтензивен увоз на производи од регионот на нашиот пазар. И македонскиот пазар станува сериозна конкуренција на нашите производители. Тоа мора да го разбереме во насока дека сето тоа што ќе го понуди државата за да се зголеми конкурентноста, ќе мора да го користат на еден посоодветен начин за да може да бидат поконкурентни и подоминантни на домашниот пазар и поконкурентни при настап на регионалниот, европскиот и на светскиот пазар.
Субвенции за земјоделците, за сточарите, за механизација, за наводнување капка по капка, за копање бунари, поделба на земја, стимулации за здружување, регистар за механизација, цел систем за зајакнување на селото, а сега има и стимулација на миграцијата од град во село. Може ли да опстои силна држава без силно село?
Димитриевски: Земјоделскиот систем во Македонија и во регионот се базира на структурата на семејни земјоделски стопанства. Осумдесет проценти од капацитетот се сопственост на земјоделските стопанства. Доколку сакаме силно и модерно земјоделство, сигурно треба да имаме едно развиено село, и тоа треба да е силно со сета инфраструктура и со сите погодности за едно атрактивно живеење и привлекување на младата популација да се зафати со земјоделско производство.
Никој насила не ги враќа младите на село, туку се работи за една понуда што може да биде искористена од една млада популација која е потребна за тие рурални, конкретно селски, средини за да можеме да направиме поинтензивен развој на тие средини. Значи, доколку имате една старосна структура таму, која е над 50-60 години, со пониско ниво на образование, вие не можете да примените посериозни мерки и да го развивате земјоделството или средината. За тоа ви е потребна релативно помлада популација со повисоко ниво на образование, која ќе може да ги прифати и новите технологии во земјоделското производство и полесно да конкурира за сите мерки што се нудат, да го поттикне развојот на инфраструктурата на селата. И во самите програми за рурален развој има сериозни аспекти за подобрување на условите за живот во селата. За една таква популација таму има услови за сето тоа, луѓе кои ги напуштиле селските средини, а кои сѐ уште имаат имот или кои немаат имот, но имаат ниско ниво на доход за да опстојат во град, каде што потешко доаѓаат до вработување – сето што се нуди не е за потценување. Потоа пари за обнова на куќа, три хектари земјоделско земјиште на концесија без надоместок, земјоделски советници, 18 месеци „плата“ и сите други мерки кои се компатибилни. И сето тоа е една понуда која ќе биде искористена. Сепак, не очекувам дека тоа ќе биде некоја масовна појава, но секогаш се почнува со првиот чекор.
Меѓу аграрната политика и мерките се спомнува и задругарството за кое, исто така, имаше дебати.
Димитриевски: Задругарството го олеснува делот на пазарната позиција на семејните стопанства бидејќи според теоретската расправа кога имате помалку купувачи од продавачи, пазарната позиција е кај купувачите. Но, доколку се здружат и кога во едно села наместо 50 понудувачи има само еден – задругата, пазарната позиција е друга. Задругарството е едно од можните решенија за справување со системската слабост на македонското земјоделство каде што доминираат ситни семејни стопанства. Седумдесет проценти се со големина од два хектари и тие се расцепкани на осум до 10 парцели. И таму за зголемување на конкурентноста не можете да примените ниту економија на обем ниту посериозни современи технологии на производство.
Каде е Македонија во споредба со регионот во однос на аграрната политика и мерки?
Димитриевски: Има една неформална група во која сум и јас, која со поддршка на ФАО, со иста методологија на истражување, направи анализа на аграрната политика во регионот на западен Балкан. Таа анализа покажа дека Македонија е далеку најнапред и води една најсоодветна аграрна политика во однос на хармонизирање на мерките во согласност со тоа што се случува во ЕУ. Мерките се организирани во двата главни столба – мерки на финансиска поддршка и столб на рурален развој, како што е и во ЕУ. Тоа сега го прават другите во регионот. Притоа поддршката по единица хектар е најголема во Македонија. Сосема е различна структурата на земјоделството во Србија, таму има бимодален систем, во Војводина се огромни пространствата. Србија секогаш била меѓу главните извозници на храна заради поинаквите природни услови. Но, ние мора да се пофалиме дека сме најнапред во однос на политиката и мерките. Тоа треба да го продолжиме, со една олку системски водена политика не смее да се експериментира и да се враќаме назад, туку само да ги зајакнуваме и да ги хармонизираме мерките.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Драги Димитриевски е објавено во 196. број на неделникот Република, 3.06.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.