Во земјава постојано расте бројот на пациенти што имаат нарушување на работата на тироидната, односно штитната жлезда, а вистинските причини засега не се знаат. Симптомите зафаќаат широк спектар, па често се игнорираат или пациентите не ги препознаваат. Хормоните што ги лачи тироидната жлезда го регулираат метаболизмот, односно енергијата – телесната температура, влијаат врз функцијата на сите органи во смисла на забавување, односно забрзување на функцијата на органите во телото. Тироидната жлезда лачи два главни хормона – тироксин Т4 и тријодтиронин Т3 како поактивен метаболит. Проблемот се јавува поради нивно намалено или зголемено лачење. Најчесто станува збор за автоимуно заболување. Но, порано причина за хипотироидизмот беше јодниот дефицит, а со воведувањето на суплементацијата на јод во исхраната, причината на хипотироза поради јоден дефицит е намалена. Постојат и други поретки причини, како воспаленија, мала жлезда (хипопластична) или, пак, ако во еден период од животот, пациентот имал зрачење во пределот на вратот. За среќа, хипотироидизмот се третира доживотно со лекови што не се штетни, вели асистент д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија, дијабетес и нарушувања на метаболизмот.
Од 23 до 29 мај Здружението „Борка – за секој нов ден“ ја одржа националната кампања за подигнување на свеста за тироидните заболувања во Македонија, „Виолетов карван 2016“. Што опфати кампањата?
АХМЕТИ: „Виолетовиот карван“ се организираше првпат и имаше цел да ја подигне свесноста на населението за болестите на тироидната жлезда, со цел навремено да се забележат промените и знаците на тироидното заболување и навреме да се третираат за да се спречат можните компликации. Меѓународната недела на свеста за тироидните заболувања првпат е организирана во 2007 година и во склоп на таа недела има Меѓународен ден за тироидно заболување, 25 мај. Карванот опфати посета на седум града, со бесплатни ехо-прегледи за да се направи скенирање на населението кое не е свесно дека има симптоми и знаци за тироидно заболување. Оваа година мотото е „Хипотироидизам – демаскирање симптоми и знаци“.
Иако во светот има околу 300 милиони луѓе што страдаат од болест на тироидната жлезда, многумина не се свесни дека имаат проблеми со оваа жлезда. Зошто е тоа така?
АХМЕТИ: Најчестото заболување кај тироидната жлезда е хипотироза кога има намалено лачење тироксин, хормон кој се лачи од тироидната жлезда. Функцијата на тироксинот е одржување на метаболизмот на телото, односно на енергијата. Тој хормон влијае на сите клетки, ткива и органи. Ако пациентот има хипотироза, значи има забавени процеси во метаболизмот, како, на пример, тешкотии со меморија, намалена концентрација, депресија, чувствителност на студ, здебеленост, задршка на течности, нарушување на менструалниот циклус кај жените, болки во мускулите и во зглобовите, кожата станува порапава, кај потешките форми се јавуваат отоци на рацете и на нозете, аритмија и брадикардија (забавена работа на срцето), забавена работа на цревата (запек), поспаност. Овие знаци се јасни и обично ако пациентот забележи вакви промени, се јавува на лекар. Кај хипертирозата е обратно, односно има забрзан метаболизам, пациентите се хиперактивни, имаат топла кожа, се препотуваат, срцето им работи забрзано, имаат тахикардии и аритмии, забрзана работа на цревата. И покрај тоа што консумираат големо количество храна, тие се слаби и губат од телесната тежина. Ова е јасна симптоматологија, но постојат и благи форми на хипотироза и на хипертироза кои ние ги викаме супклинички форми на двете состојби, при што и пациентите не им обрнуваат многу внимание на таквите лесни, маскирани симптоми и знаци.
Ова е автоимуна болест. Дали терапијата трае цел живот?
АХМЕТИ: Во повеќето случаи. Порано најчеста причина бил јодниот дефицит, кој воедно бил и главна причина за гушавост. За да ја компензира потребата од тироксин поради јоден дефицит, жлездата се зголемува. Таквата гуша некогаш, и покрај зголемувањето на жлездата, со текот на времето преминува во намалено лачење на тироксин, т.е. хипотироза. Тироксинот е хормон кој го контролира хипофизат преку хормонот ТСХ. Негативната спрега ние ја нарекуваме хормонална оска и кога имаме ниски вредности на тироксин во хипофизата се покачува ТСХ за да го нормализира тироксинот. Ако имаме високи вредности на тироксин, тогаш ТСХ е намален. Други причинители може да бидат инфекциите, траумите на вратот, претходни зрачења во пределот на вратот, како и природни аномалии со мала (хипопластична) тироидна жлезда иако поретко. За среќа, хипотироидизмот се третира доживотно со лекови што не се штетни за телото. Се дава супституциона терапија и се следи пациентот. Ретко се случуваат несакани појави.
Дали секое заболување на тироидната жлезда значи дека пациентот ќе заболи од канцер на таа жлезда?
АХМЕТИ: Промените што насочуваат на можен ризик за појава на карцином на тироидната жлезда се тироидните јазли. Според ехографските карактеристики на јазлите може да кажеме дека се работи за сомнителен јазол. Кај таквите јазли, освен преглед со ехо, се препорачува и скенирање. Ако се работи за таканаречен топол јазол, јазол што лачи тироксин, многу ретко, еден од пет отсто, може да се случи да биде малиген. Но, јазлите што се студени, заедно со карактеристиките од ехо-прегледот, ни даваат за право да се сомневаме за малигнитет и да им направиме биопсија. Резултатите од биопсијата ќе покажат за каков јазол се работи, дали е бениген тумор или станува збор за карцином. Статистиката вели дека кај секој трет пациент што се прегледува со ехо, може да се забележи некој јазол и затоа не треба да се алармира кај пациентот бидејќи често лошо се сфаќаат тие информации. Статистиката вели дека околу 90 проценти од јазлите се од бенигна форма. Кај хипотирозата и гушавоста има поголема шанса со текот на животот да се појават јазли кои подоцна би можеле да преминат во канцер, додека кај хипертирозата тие шанси се помали.
Дали пациентите со нарушена функција на тироидната жлезда можат да живеат долг, квалитетен и исполнет живот?
АХМЕТИ: Целта е навреме да се дијагностицираат заболувањата за да се намали, односно да се спречи ефектот на тироксинот врз ткивата, односно врз органите. Една од таквите карактеристики поради нарушување на метаболизмот на липидитен е атеросклерозата поради покачување на маснотиите и притисокот кои може да водат кон мозочен удар. Потешките форми (микседем) се манифестираат со многу бавна работа на срцето, аритмии, многу ниска температура на телото, кома, па дури може да водат кон смрт. Кај хипертирозата забрзаниот метаболизам доведува до брза работа на срцето, аритмија, срцева слабост, која може да произведе потешки компликации кои може да му го загрозат животот на пациентот. Затоа е потребен навремен третман, дури и на благите форми.
Какви се препораките кај бремените жени?
АХМЕТИ: Тироидните заболувања се почести кај жени, и тоа до осум пати. Зашто е тоа така, сѐ уште е необјаснето, но факт е дека жената во текот на животот преминува низ неколку поосетливи периоди, како што се пубертетот и првата менструација, бременоста, првите 6 месеци по породувањето, менопаузата. Во чувствителна популација спаѓаат бремените жени, при што многу строго треба да се следат параметрите на хормоните, посебно на ТСХ и на тироксин, и според тоа да се дава и терапија. Левотироксинот, лек за третман на хипотироза, е безбеден, не прави штета за време на бременоста, се препишува ако има индикација, но важно е да спомнеме дека кај секоја бремена жена во првите три месеци, и ако се нормални тироидните хормони, превентивно се зема јод и фолна киселина. Тоа е потребно поради развој на централниот нервен систем кај плодот. Кај хипертироизмот терапијата е поразлична. Таблетите што го намалуваат лечењето на тироксинот, тиросупресиви, може да бидат штетни за плодот, па затоа треба да бидат препишани исклучиво од ендокринолог. Исто така, не се препорачува зрачење кај млади и кај жени што планираат бременост, т.е. им се советува после радиоиод да одбегнат забременување најмалку осум месеци.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.