| четврток, 6 декември 2018 |

Расте бројот на иновативни компании, за две години отворени повеќе од 1.000 нови

fond-za-inovacii-470x280За разлика во минатото кога многу мал процент од компаниите имаа иновации во производи или во производствени процеси, овој број од година во година драстично се зголемува. Тоа го потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика според кои во периодот од 2012 до 2014 година во Македонија работеле 1.078 иновативни компании. Од нив 37,1 процент вовеле иновација на производ и процес, 35,8 проценти организациски и маркетинг иновации, а 19,1 процент истовремено вовеле производ, процес, организациски и маркетинг иновации.

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Груевски кој вчера присуствуваше на отварањето на новата контакт канцеларијата на Фондот за иновации и технолошки развој во центаррот на Скопје истакна дека во последните пет години од кога беше формиран Комитетот за иновации од страна на Владата драстично е зголемена поддршката за иновативни компании и проекти, пред се преку грантови обезбедени преку Фондот за иновации. Досега се објавени два огласи за грантови за иновативни проекти, а денеска ќе биде објавен и третиот оглас за кој има голем интерес. Ваквата поддршка придонесува за развој на претприемачкиот и иновативниот дух во земјата.

За третиот оглас се обезбедени 45 илјади евра, а предвидено е да бидат поддржани 15 компании. Огласот ќе трае 60 дена. Досега беа објавени два повици за финансирање на нови идеи со кои беа финансирани 33 претежно млади компании со вкупна вредност од 1,3 милиони евра. Со инструментот се обезбедува финансирање на најмногу 85% од вкупниот буџет за проектот, со максимален износ од 30.000 евра.

Годинава се планира да биде објавен уште еден повик со кој ќе се заокружи вкупниот износ од 2,65 милиони евра поддршка за оваа година, а до 2017 година е предвидено да бидат поддржани иновативни проекти во вредност од над 10 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top