Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека евентуалното истапување на Велика Британија од ЕУ ќе се одрази многу негативно врз самите Британци.
Според Рахој, британските државјани ќе го загубат правото слободно да се движат низ земјите на ЕУ и да бараат и наоѓаат работа и да отвораат бизниси на најголемиот економски простор во светот. Ова е првпат, шпанскиот премиер да ги предупреди Британците на последиците по нив, доколку гласаат за Брегзит. Повеќе од 300 илјади Британци постојано живеат во Шпанија, од кои дури 35 отсто се пензионери. Тие ја одбрале Шпанија за живеење, затоа што има подобра клима, но многу повеќе и затоа што е поевтина од Велика Британија. Додека живеат на шпанската територија тие ги издаваат под наем своите куќи и станови во Велика Британија, создавајќи дополнителен приход на нивните главно мали пензии.
Многумина Британци веќе изјавија дека ќе мораат да се вратат назад, во Велика Британија, доколку земјата ја напушти Унијата. Рахој овој пат не го спомена повеќе од 300 години стариот спор за Гибралтар, но неговиот сегашен статус на британска прекуморска територија во рамките на ЕУ, би можел темелно да се промени во случај на Брекзит.
Предупредувањето од Мадрид доаѓа по сличната порака што вчера ја упати и холандскиот премиер Марк Руте, околу „заблудите“ на кампањата за Брегзит дека надвор од ЕУ Велика Британија ќе има „пофер систем“ за мигрантите. Со предупредување за сериозни проблеми за британската економија, но и пошироко, при напуштање на Унијата, се огласи и Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.