Случајот со шестгодишното девојче од скопската населба Ново Маало, кој вчера предизвика големо внимание на социјалните мрежи, бидејќи се претпоставуваше дека е загубено, имаше среќен епилог.
По неколкучасовната неизвесност и мобилизирањето на многу корисници на мрежата „Фејсбук“ за да помогнат да се најдат родителите на девојчето, се појави нејзиниот татко, кој објасни дека не е првпат девојчето да се оддалечува од домот во оваа скопска населба, пишува „Дневник“.
Сепак, тим на социјални работници ќе испитува што точно вчера се случувало во оваа населба во близина на Олимпискиот базен, каде што девојчето беше пронајдено како само талка по улиците.
Ако се покаже дека родителите не се грижеле за девојчето, Министерството за труд и социјална политика може дури и да им го одземе детето – велат од кабинетот на министерот Диме Спасов.
Информации за настанот, кој предизвика големо внимание и загриженост, почнаа да се шират на социјалните мрежи откако скопјанката Елена Петковска преку „Фејсбук“ објави дека девојчето е најверојатно загубено и апелира да се помогне да се најдат родителите. Таа наведе дека девојченце, кое се претставува како Наде, е со неа речиси два часа и оти смета дека е изгубено.
„Ја најдов во близина на Олимписки базен, најверојатно е загубена. Ако некој ја препознава, ве молам контактирајте ме“ – напиша Петковска барајќи помош за малечката, откако контактирала и со социјалните служби. Вчера таа ни објасни дека кога одела меѓу трговскиот центар „Веро“ и Олимпискиот базен, забележала дека извесно време едно мало девојченце само оди зад неа.
Ја прашав каде оди сама и дали ѝ треба помош. Таа рече дека живее во зградите, потоа ми рече дека оди на училиште, а покажуваше на гимназијата „Kорчагин“. Сфатив дека нешто не е во ред. Ја прашав каде ѝ се родителите. Ми одговори нешто неповрзано, спомна дека се дома, па во Kавадарци, дека бабата ѝ чисти по влезови. Беше жедна и гладна, па ја седнав во едно кафуле додека се обидував да најдам помош. Kонтактирав со социјалните служби, а во меѓувреме објавив на „Фејсбук“. Пријатели ми рекоа дека и тие често ја среќавале како сама талка во овој дел од градот. Облеката не ѝ беше многу чиста, но не изгледаше запуштено.
Петковска наведува дека подоцна во кафулето се појавил млад маж, за кој не знае како дознал каде седи со девојчето, на кое ѝ се обратил со зборовите: „Kај си ма ти?“. Петковска додава дека во тој момент малечката почнала хистерично да плаче, го препознала и му рекла дека само се шетала, дека ништо лошо не направила и оти не била сама, туку со неа.
Го прашав дали е родителот и зошто ја пуштаат сама да талка? Одговори дека не знае оти била тука, ја зеде во раце и си замина – вели Петковска. Во маалото ги затекнавме нејзините родители. Едвај ги сопревме. Kога ги прашавме каде е сега девојчето, ни рекоа дека е дома.
Сега спие, си го доби таа своето и отсега нема да мрдне од дома – ни рече мајката. Таткото, кому воопшто не му беше пријатна нашата посета, рече дека брза и не сакаше ништо да коментира.
Нивната куќа е во лоша состојба. Kапијата беше заклучена, па не можевме да влеземе во дворот. Не дознавме дали девојчето е дома само или некој го чува. Соседите велат дека родителите на девојчето се доселиле неодамна.
Малечката ја знаеме сите во маалото. Многу е интелигентна и слободна. Влегува во сите комшиски куќи, тука нема многу деца за играње, па често ја гледаме сама по сокаците. Девојчето е супер, но не знаеме ништо за нејзините – вели соседот Тодор Димовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст