| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска е Меѓународен ден на танцот-Лин Хваи-Мин ја упати својата порака

Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на танцот (29 април). Автор на светската порака по повод овој празник е тајванскиот изведувач и кореограф Лин Хваи-Мин. Во неа тој меѓу другото вели:

„Во големиот предговор на „Книгата на песните“, Антологија на поеми од десеттиот и седмиот век пред Христа, пишува:

„Емоциите се мешаат за да заземат форма на зборови.
Ако зборовите не се доволни, тогаш зборуваме со знаци.
Ако знаците не се доволни, тогаш ги пееме.
Ако пеењето не е доволно, тогаш несвесно
нашите раце ги танцуваат и нашите прсти им ракоплескаат.“

Танцот е моќна експресија.
Им зборува на земјата и небото.
Зборува за нашето радување, за нашиот страв и за нашите желби.
Танцот зборува за недопирливото, истовремено ја одразува состојбата на умот на
личноста, темпераменти и карактери на луѓето.

Како во многуте светски култури, домородците во Тајван танцуваат во круг.
Нивните предци верувале дека така злото ќе биде задржано вон кругот.
Фатени за раце, тие ја делат топлината меѓу себе и се движат во заемен пулс.
Танцот ги зближува луѓето.

И танцот се случува во точката на исчезнување.
Движењата ги снемува онака како што се појавуваат.
Танцот постои само во тој краткотраен момент.
Драгоцен е. Тој е метафора за животот.

Во ова дигитализирано време, сликите во движење заземаат милион форми.
Тие се фасцинантни.
Но, тие никогаш не можат да го заменат танцот бидејќи сликите не дишат.

Танцот е славење на животот.

Исклучете ги телевизорите, исклучете го компјутерот и дојдете да танцувате.
Изразете се себе си преку тој божествен и достоинствен инструмент, вашето тело.
Танцувајте и придружете им се на луѓето во бранувањата на пулсот.
Остварете го тој драгоцен и краткотраен момент.
Да го прославиме животот со танц.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top