| четврток, 6 декември 2018 |

Македонецот Јолдески во Брисел ја прими наградата за литература на ЕУ

Македонецот Ненад Јолдески, синоќа на пригодна свеченост во Брисел ја прими наградата за литература на Европската унија, јави дописникот на МИА од Брисел. Во изборот на Европската комисија, 30-годишниот Јолдески се најде меѓу годинешните 12 добитници на оваа престижна награда во конкуренција на писатели од цела Европа.
            
На свеченоста на која Јолдески го доби признанието од еврокомесарот за образование Тибор Наврачич, присуствуваа и македонските амбасадори при Кралството Белгија, Лазар Еленовски и при Европската унија, Андреј Лепавцов, македонскито писател посочи дека оваа награда „е од огромно значење, особено во поглед на промоцијата и на преводите на книгата кои ќе се остварат во иднина“.
– Наградата, исто така, доаѓа во вистинско време и се надевам дека ќе придонесе и ќе ми помогне во мојата книжевна кариера. Може да се каже дека наградата покрај другото е замислена да ги приближува различните култури на Европа со цел тие да делуваат како едно во разноликоста. Културата отсекогаш била најдобриот амбасадор, така што дефинитивно оваа награда оди на позитивното конто на нашата дражава, изјави Јолдески за МИА по добивањето на престижната награда.
Инаку, Ненад Јолдески е од Струга и е магистер по компаративна литература, писател и автор на две збирки кратки раскази. Неговото дебитантско дело „Тишината на Енхалон“, напишано на македонски дијалект и сленг ја доби „Новите“ – наградата на книгоиздавачот „Темплум“ во 2009 година. Неговата втора книга „Секој со своето езеро“ беше објавена исто така од „Темплум“ во 2012 година, а тој има издадено и збирка куси раскази посветени на рускиот емигрант д-р Николај Незлобински под наслов „Николај“.
Јолдески е дел од уметничката група „Везденски“ во која има адаптирано неколку сценарија за аматерски перформанси, а овој струшки писател е и ко-основач и организатор на фестивалот за култура „Дримон“. Тој е исто така член на неколку тимови што издаваат онлајн весници за литература. Три години Јолдески беше дел од тимот што го организира проминентниот меѓународен поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top