| четврток, 6 декември 2018 |

Донесена одлуката за формирање Комисија за основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на претседателот

sobranie-7Со 52 гласа „за“ и 33 „против“ Собранието на Република Македонија на попладневното продолжение на 103. седница ја донесе одлуката за формирање Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција, поднесен од страна на опозицијата.

Комисијата брои 11 члена, претседател ќе биде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група ќе има уште пет члена, по два од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.

Во текот на расправата Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека е важно да се формира оваа Комисија и таму да се дебатира врз основа на аргументи. – И извештајот на таа комисија да биде врз основа на изнесените аргуементи. Комисијата да работи согласно Уставот и позитивните законски прописи за да може да ја исполни својата задача и извештајот што ќе го подготви да не биде политизиран, рече Милошоски.

Според СДСМ, бројот на членовите и предлогот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Комисијата не е соодветен. СДСМ смета дека во Комисијата треба да добијат три члена.

– Вие се плашите дека ќе го изгубите мнозинството во оваа комисија која треба да донесе одредени заклучоци се со цел да не се извади на површина вашиот коалицски партнер ДУИ, кој јавно кажа дека ќе ги поддржи нашите предлози за одговорност на Иванов, рече Васко Ковачевски од СДСМ.

Продолжението на 103. седница на Собранието е најавено за утре во 12 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top