На средбата на лидерите „Брдо-Бриони процес“ на која учестуваше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов беше отворено и прашањето за мигрантската криза, која не се решава ниту бирократски, ниту дипломатски, туку треба да се менаџира и тоа на дневна основа.
– Ние навистина добро се снајдовме со мигрантите, но очекуваме поддршка и помош за тоа што следува – истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по учеството на средбата на лидерите на „Брдо-Бриони процесот“, што денеска се одржа во Сараево.
На лидерската средба, станало збор и за предизвиците со враќањето во регионот на борците од Балканот кои учествуваат во ИСИЛ на боиштата во Сирија и Ирак, а било укажано и на вториот бран бегалци кои од Африка доаѓаат кон Европа.
Како што изјави претседателот Иванов, било посочено дека Македонија, Србија, Хрватска и Словенија успешно се справиле со првиот бран мигранти, но сето она што доаѓа, а на тоа укажал и италијанскиот претседател Серџо Матарела, бидејќи Италија веќе се соочува со вториот бран мигранти од Африка кои повторно го отвараат централно-медитеранскиот коридор, дека можно е тоа да се активира и во нашиот источно-медитерански коридор.
– Укажавме дека ние како Македонија ги истрошивме сите наши ресурси, затоа што нашата Армија и полиција ги користат буџетските средства кои се однесуваат на безбедносниот аспект на кризата. Хуманитарниот аспект го покриваат хуманитарните организации, меѓународни организации, наши домашни компании, хумани луѓе… Но, веќе сме исцрпени. Ако дојде втор бран мигранти тогаш мора да се најде начин многу поефикасно да се пристапи, многу побрзо да се менаџира целиот тој процес, затоа што кога беше првиот бран имавме многу неусогласеност на европските институции, нивното функционирање и бавно реагирање за изнаоѓање решение, истакна претседателот Иванов.
Според него, довербата што ја стекнавме при првиот бран мигранти неопходно е сега да се користи и да се интензивира, особно летните месеци кога, како што рече, се очекуваат големи бранови мигранти од Африка, кои ќе доаѓаат и кај нас и во Италија. – Тоа е предизвик кој нема да заврши во кратки периоди, туку со него ќе се соочуваме долги години, истакна Иванов, додавајќи дека овој форум сериозно се осврнал на тоа прашање.
„Брдо бриони процесот“ со секое негово одржување, според шефот на македонската држава, станува еден од најсериозните форуми од нашиот регион бидејќи, како што рече, секогаш доаѓаат гости од членки на ЕУ кои изворно од претседателите на регионот можат да ги слушнат сите прашања и предизвици со кои се соочува секоја земја од регионот.
– Овојпат беше италијанскиот претседател Матарела кој укажа на сите проекти и сето она што Италија го прави за нашиот регион и како поддржувач на регионот се залага за ЕУ, она што е и цел на овој процес – забрзана интеграција во ЕУ на сите земји членки од нашиот регион, но и забрзана интеграција во НАТО на тие што изразиле желба да бидат членки на Алијансата, рече Иванов. За разлика од другите вакви самити, тој укажа на фактот дека на овој форум се разговара искрено и отворено за сите прашања, без дипломатски речник.
Претседателот Иванов информира дека годинашниот „Брдо – Бриони процесот“ почнал со голем ентузијазам бидејќи на дневен ред ги ставил сите потреби што ги има регионот – инфраструктурата, енергијата, меѓусебното поврзување… – Но, сепак, добива и една синергија што паралелно со него се одвива и Самитот на стоте најуспешни бизнисмени од нашиот регион кои секогаш ги кажуваат сите бариери. Таа синергија дава посебна димензија на овој Процес за прашања за кои не треба да се чека инструкција или помош од Унијата, туку самите ние едно по едно треба да ги затвораме, истакна Иванов.
Тој најави дека следниот „Брдо – Бриони процес“ ќе биде во Македонија. – Тоа ќе биде можност Македонија да ги изнесе своите искуства, но и сите свои фрустрации од блокадите што ги има досега, рече претседателот Ѓорге Иванов, кој на лидерската средба, меѓу другото, ги информирал своите колеги и за актуелната ситуација во државата.
На состанокот, на кој специјален гостин беше претседателот на Италијанската Република Матарела, учествуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.
Брдо-Бриони процесот“ е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Сараево е четвртиот домаќин на лидерите на овој Процес. Првиот редовен состанок се одржа на Брдо, кај Крањ, на кој како специјален гостин присуствуваше францускиот претседател Франсоа Оланд. Вториот состанок се одржа во Дубровник, каде што присуствуваше и германската канцеларка Ангела Меркел, додека третиот беше во Будва, со присуство на австрискиот претседател Хајнц Фишер. Имаше и еден вонреден состанок на кој домаќин беше претседателката на Хрватска Грабар-Китаровиќ, а специјален гостин американскиот потпретседател Џо Бајден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево