Четири генерации во нашава куќа ја чуваат сликата како зеница во очите. Љубоморно и гордо ја негувал и криел и прадедо ми, бакалот Ангеле Тодорче. Не ја пуштаа од рацете и кога ја пуштаа душата и дедо ми Василе и татко ми Илија, раскажува 80-годишниот Сашо Тодорчески, кој се охрабри да ја извади старата фотографија од мракот.
Веќе четврта генерација, стара фотографија на која е снимен моментот кога пред 116 години рамо до рамо застанале Пере Тошев и Гоце Делчев, живее во затемнетите мусандри и долапи во мудбаците со прашина и пајажина на фамилијата Тодорчевци од Прилеп, пишува Телеграф.мк. Меѓу двајцата револуционери, во студиото на прилепскиот фотограф во револуционерните денови, седнал и Стилијан, роднината на Пере Тошев, кој е единствено сведоштво за крвната врска.
Фотографијата како очите ја чува 80-годишниот Сашо Тодорчески. Се охрабри да ја извади од мракот и да ја сподели приказната со јавноста.
Одвај го држат рацете и нозете. Пие цела рака апчиња, но ведрина му сјае на лицето кога чепка во кутиите полни со стари фотографии, со илјадници спомени на четирите колена на неговите предци. Меморијата постепено го издава. Тивко зборува. Сепак, не им се предава на годините.
Сашо Тодорчевски со фотографија од Гоце Делчев и Пере Тошев
Сака да ги пренесе семејната историја и лоза додека во рацете ја стиска избледената слика од Пере Тошев, небаре некој ќе му ја открадне, зашто смета дека е единствениот нем сведок за роднинските корени со големиот револуционер.
– Четири генерации во нашава куќа ја чуваат сликата како зеница во очите. Љубоморно и гордо ја негувал и криел и прадедо ми, бакалот Ангеле Тодорче. Не ја пуштаа од рацете и кога ја пуштаа душата и дедо ми Василе и татко ми Илија. Нивниот завет го пренесов на моето потомство. Пере Тошев ѝ бил внук на баба ми Евгенија, а фотографијата е направена во Прилеп, некаде во 1900 година, пред Илинденското востание – кажува Тодорчески, кој на времето дипломирал и магистрирал во Белград.
Стара фотографија од Пере Тошев и Гоце Делчев

Неизморен од спомените, поплавен од минатото, чепка низ приказни на своите родители и нивните родители. Полн е со сведоштва. Ја довардил вратата на која има шесткрако сонце од Кутлеш. Кажува дека во одаите на старата куќа, каде што и сега живее, се собирале револуционери.
– Се состанувале Даме Груев, Пере Тошев и Ѓорче Петров во куќата со огромни ѕидови, оградена како бастион, затворена со железни порти, ни да ѕирка ни да проѕирка. Се ковале планови за пусии и напади, како да се сардисаат турските чети, како да се изведат атентати на турските аги и бегови. Бедем не ѝ е рамен. Не се влегува ниту од една страна, а да не се забележи. Обезбедена со железни капаци, а прозорците со метални решетки. Пиле не може да прелета, не па непријател. Споменот ми е наследство што сакам да се сочува. Не го продавам да ми даваат и милиони. Побарав и од Завод и музеј од Прилеп да добие третман на заштита, оти е историски објект – говори веќе изморениот Тодорчески.
Старата врата во куќата на Тодорчевци
Секој ден живее со спомените кои му даваат сила. Не го напушта надежта дека историјата на четирите генерации нема да згасне. Неговиот син живее и работи во Скопје, но старецот не се дели од мислата дека потомците ќе се вратат на родното огниште да ја продолжат лозата. Сака и неговите наследници да им раскажуваат на внуците и правнуците дека и во нивните вени тече револуционерната крв на Пере Тошев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
За Борисов Гоце е Бугарин: Прво со Заев отидовме на гробот на нашиот светец и херој Делчев, сега тој е тука!
-
Одбележани 115 години од смртта на Делчев: Владина делегација положи цвеќе на гробот на великанот
-
Во Макекдонија се одбележуваат 115 години од смртта на Гоце Делчев
-
Бурниот љубовен живот на Гоце Делчев – писмо од неговата тајна вереничка



