| четврток, 6 декември 2018 |

Даниелсон: Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез на земјата од актуелната криза

Договорот од Пржино е од исклучително значење и останува најдобриот начин за излез на земјата од актуелната криза. Политичките лидери мора да се придржуваат и да ги почитуваат неговите клучни принципи како што се владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори.

xkhgcjhfgjhfg

Ова го истакна денеска Кристијан Даниелсон, директор во Директоратот за проширување и соседска политика на ЕК, по серијата средби во Скопје со лидерите на партиите потписници на Договорот од Пржино, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА. Имаше средби и со преставници на граѓанското општество, Специјалното јавно обвинителство и амбасадорите на земјите членки на ЕУ.

– Европската унија е сериозно загрижена во однос на ситуацијата во земјата. Политичките лидери и релевантните власти мораат итно да ја адресираат ситуацијата во интерес на граѓаните и со цел земјата да се врати на евроатлантскиот пат – рече Даниелсон.

Тој нагласи дека императив е да се повлече одлуката на претседателот за аболиција бидејќи, според него, во земја кандидат за членство во ЕУ мора да постои целосна одговорност и еднаков третман пред законот. Посочи дека е усвоена законска регулатива што ќе го овозможи тоа, но останува загрижен бидејќи се уште не се преземени конкретни активности. Не може да постои неказнивост и селективна правда, вели Даниелсон.

Директорот на Директоратот за проширување се осврна и на работата на Специјалното јавно обвинителство, нагласувајќи дека мора да се дозволи тоа да ја врши својата работа.

– Тоа е од суштествено значење за да се обезбеди одговорност и да се обнови довербата во владеење на правото, како и довербата на граѓаните во правосудниот систем, рече Даниелсон и притоа изрази загриженост за, како што вели, поткопување на работата на Специјалното јавно обвинителство, посочувајќи оти тоа е црвената линија за меѓународната заедница.

Тој посочи дека политичките сили сега имаат можност да ги имплементираат неопходните реформи и да подготват кредибилни избори наскоро. Реформите, додаде, мора да бидат спроведени на инклузивен начин.

Во однос на итните реформски приоритети за кои, вели, политичките лидери ветија уште пред една година дека ќе ги имплементираат, мора да се спроведат и да не се остане само на ветувања.

Осврнувајќи се на изборите, Даниелсон посочи дека работата мора да продолжи во однос на добро познатото прашање за Избирачкиот список, балансираното медиумско покривање, спречување на заплашување на гласачите и одвојување на државните од партиските активности со цел идните избори да бидат кредибилни.

Даниелсон изрази поддршка за сите мирни напори од цивилното општество за обезбедување неопходна контрола на властите. Различноста на ставовите и слободата на изразување на мислењата, спроед него, се клучни елементи на европската демократија. Нагласи дека на земјата и е потребен инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите делови од општеството.

Ова е втора посета на Даниелсон на Македонија за краток период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top