Обуката за дефицитарни занимања што Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија ја најавија пред два месеци почнува да се реализира. Како што посочи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов оваа обука е конципирана така што преку неа да се градат вештини и знаења кај невработените лица кои ги побаруваат работодавачите.
На тој начин се врши полесно поврзување на понудата со побарувачката на пазарот на труд и се зголемува и подобрува вработливоста на невработените лица. По четиримесечната обука која што ја посетуваат невработените лица добиваат сертификат со што им се зголемуваат шансите побрзо и полесно да дојдат до своето работно место. Во оваа прва фаза на реализација на обуката за дефицитарни занимања на пазарот на труд веќе учествуваат 225 невработени лица и за 20 различни видови на обуки кај 15 сертифицирани приватни обучувачи. До крајот на годината очекуваме обуката да ја посетат вкупно 640 невработени лица и за реализација на истата се обезбедени средства во износ од 35 милиони денари при што обучувачите добиваат износ од 30.000 денари за да ја реализираат целосно обуката, во која што влегува и пракса, односно еден до два месеци пракса во реални работни услови, додека пак невработените лица кои што учествуваат во самата обука добиваат 6.200 денари надоместок за покривање на трошоците за храна, превоз и осигурување, рече Спасов.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колкав е интересот за овие обуки, министерот посочи дека постои голем интерес кај невработените лица, бидејќи, како што посочи, само на првиот повик годинава се јавиле над 950 лица.
Инаку во Центарот за обука во Седиштето на Сојузот на Стопански комори во моментов се спроведува обука за рецепционери. Вкупно 10 лица, ги поминуваат обуките, а како што беше најавено понатаму ќе се прошират обуките и со верификуваната програма на Сојузот за обука за готвачи.
Сојузот на стопански комори е еден од овластените т.н. приватни провајдери за спроведување на овие обуки, односно согласно мерките за потребите на пазарот на трудот од дефицитарни занимања. Во моментов спроведуваме обука за рецепционер, односно продуцираме кадар за областа на туризмот. Ова е врз основа на информација на нашите членки од областа на туристичката комора каде што евидентно е дека постои дефицит од ваков кадар. Ние исто освен рецепционери сме акредитирани и верификувани да обавуваме обуки и за соработник во Туристичка Агенција и Готвач, рече извршниот директор на Сојузот на Стопански комори, Митко Алексов.
Инаку зголемениот број на странски и домашни туристи сам по себе повлекува да се зголеми и побарувачката на кадар во туризмот. Минатата година Македонија ја посетиле над 14.000 странски туристи, а годинава се очекува зголемување на бројот како на странски, така и на домашните туристи, па затоа ќе биде потребен кадар од оваа област.
Во Сојузот на Стопански Комори, освен за рецепционери, се спроведуваат обуки и за службеници во книговодство, инсталатери на гасоводна опрема, готвачи и соработници во туристичка агенција…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.