| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска е Руса Среда, празник на кој не се јаде зелено

Меѓу подвижните празници и во црковниот и во народниот календар значајно место има празникот Преполовение, меѓу народот познат како Руса Среда. Овој празник зависи од Велигден бидејќи се паѓа на средината меѓу Велигден и Духовден, и секогаш е во среда. Затоа освен Руса Среда се вика и Преполовение што значи половина од Педесетницата, односно половина до Духовден.

Меѓу нашиот народ празникот Преполовение важи за народен празник и е проследен со многу обичаи и верувања. Бидејќи се работи за пролетен празник во народното верување е поврзан со зеленилото. Во Дебарца (Охридско) не се работи и не се јаде зелено.

И Марко Цепенков запишал дека на Руса Среда не чинело да се јади нешто зелено како спанаќ, коприви и др. „за да не те фати блусница (устоболие).“ На друго место М. Цепенков уште забелешал: „На Руса Среда (Преполовение) нефела да се роди нешто за да не фаќа болценица (устоболие).“

Ефтим Спространов во своите описи на обичаите од Охрид забележал дека во Охрид на „Русʼлна стреда“ како што ја вика тој, не јаделе зелено (зарзават, овоштија и др.), а во Битола ја празнувале жените за да не страдаат при раѓањето.

Во врска со овој ден К. Шапкарев запишал дека „болните од некоја немоќ, особено од хронична, одат по разни лековити води и се мијат (се посипуваат) за здравје.“

И во Скопската Котлина на Руса Среда не се орало поради стоката, за воловите да не ги болаеле вратовите од јаремот (Мирковци). Општ обичај како што сведочи М. С. Филиповиќ бил жените на овој ден да берат ума за миење глава.

И повеќе свети води се поврзани со празникот Руса Среда. Најчесто се среќаваат под името Света Руса.
Како и да е овој ден има големо значење во животот на нашиот човек. Црквата го празнува со црковни служби како црковен празник, а пак народот со свои обичаи и верувања го издигнува на ниво на народен празник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top