Кошаркарите на Кожув потврдија дека се специјалисти за трилер мечеви во Суперлигата, а вечерва го победија Работнички со 73-71. Само неколку дена откако го надиграа шампионот МЗТ Скопје, тимот од Гевгелија собра сили да одигра уште еден неверојатен натпревар, што го доби буквално во последните секунди. Божовиќ беше стрелец на поените за триумф на гостинскиот тим на четири секунди до крајот, за петта победа во серија на Кожув и веќе сигурно обезбеден пласман во плејофот.
Благодарение на извонредната втора четвртина во која постигнаа дури 28 поени, гостите од Гевгелија заминаа на одмор со позитива од девет поени, 44-35. Сепак, Работнички одговори со пресврт во третиот период. Домаќините му дозволија на Кожув да постигне само шест поени, и најавија неизвесен финиш. Работнички поведе со 62-55, но тука не беше и крајот на натпреварот. Гостите направија серија од 10-0 и во самата завршница влегоа со предност.
Во клучниот напад Божовиќ успешно го погоди кошот на домаќините, додека на спротивната страна најпрвин Зивчевиќ, а потоа и Јелесијевиќ не успеаја да реализираат, што значеше победа за Кожув и реванш за поразот на домашен терен од Работнички во првиот дел од Супер-лигата.
Мијајловиќ и Божовиќ со по 14 поени беа најзабележителни во таборот на Кожув, додека 12 поени постигна Пековиќ. На спротивната страна, Абукар постигна 17, Јелесијевиќ 13, а Зивчевиќ 11 поени за Работнички.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.