| четврток, 6 декември 2018 |

Влашкиот народ е нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на Македонија

e12-Custom

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница во Република Македонија.

Во годината кога треба да прославуваме четврт век од независноста на Република Македонија, нашата заедничка татковина минува низ сериозни предизвици. Но, има едно нешто што ни дава храброст и истрајност на нашиот пат, а тоа е македонската традиција на соживот, почитување и прифаќање на различноста. Тоа е увереноста дека Македонија е татковина на сите нејзини граѓани, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност. Влашкиот народ е нераскинлив дел од минатото, сегашноста и иднината на Македонија.

Прославувајќи го денот кога, пред повеќе од еден век Власите биле признаени како посебен народ, со право да се образуваат, да публикуваат и да богослужат на својот мајчин влашки јазик, ние денес го празнуваме соживотот и заедништвото. Почитувајќи го етничкиот, културниот и јазичниот идентитет на Власите, ние го почитуваме достоинството на нашите сограѓани. Како лојални и посветени граѓани кои се успешни на сите општествени полиња, Власите активно придонесуваат кон градењето на заедничкиот дом, што го наследивме од предците и што ќе го оставиме на нашите потомци. Како и досега, така и во иднина, лично ќе се залагам за понатамошно негување и ширење на влашката традиција и култура во земјава. Нека е за многу години празникот, се наведува во честитката од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top