Договорот од Пржино не е мртов и за Европската комисија тој претставува основа за излез од политичката криза во која Република Македонија се наоѓа предолго, јави дописникот на МИА од Брисел.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за МИА го потврди ова по вчерашното враќање на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од пред политичкиот договор од 2 јуни/15 јули и одложувањето на изборите закажани за 5 јуни. Коцијанчиќ, исто така потврди и дека вечерва во зградата „Берлемонт“ на ЕК во Брисел, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан ќе се сретне со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.
Ја видовте вчерашната изјава на комесарите Хан и Федерика Могерини. Во однос на договорот од Пржино, изјавата е повеќе од јасна. Ние веруваме дека сите партии мора да го зачуваат и почитуваат договорот од Пржино што го постигнаа минатата година. Тој содржи круцијални елементи што се во интерес на земјата и на луѓето. Изјавата е јасна и вели дека начин за напред треба да се најде од сите политички партии заедно преку зрел дијалог, инклузивност и посветеност на демократските принципи и потребните реформи, како и имплементација што ќе ја врати земјата на евро-атлантскиот пат, истакна Коцијанчич.
Иако во прв момент не сакаше да потврди, гласноговорничката на неформалната Влада на Европската унија сепак официјално соопшти дека вечерва во 18:30 часот во зградата на Еврокомисијата ќе се одржи средба на комесарот Хан со шефот на македонската дипломатија Попоски, што за МИА го потврди и македонскиот министер.
На средбата се очекува да се разговара за политичката криза во Македонија и последниот развој на настаните, како и начинот како да се излезе од истата со посредство на Европската унија.
Во однос на одложувањето на изборите што требаше да се одржат на 5 јуни во Македонија, Маја Коцијанчиќ со став:
Вчера исто така рефериравме и за ова, а тоа е дека не постоеја услови за одржување на кредибилни избори во оваа фаза, бидејќи потребните реформи не се поставени. Ова е потребно и сите политички партии треба да стават фокус на напорите што е потребно да се преземат на ова поле, посебно да работат на подготовката за одржување на кредибилни избори, додаде Коцијанчич.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.