В петок, 20 мај, во рамките на 44. Мајски оперски вечери со почеток во 20 часот, во Македонската опера и балет, ќе биде изведена современата балетската претстава „Заспани убавици“, според романот на Јасунари Кавабата „Куќата на заспаните убавици“.
Ова е едно ново гледање, нов пристап кон приказната „Заспана убавица“ која не е раскажана на традиционален начин. Приказната во прв план ги поставува односите помеѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето. Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум. Кавабата ја потенцира способноста на човечкиот ум да фрли светлина на односот на поединецот со светот во кој егзистира.
Размислувањата на ликовите за грешките во минатото најчесто се случуваат кога се наоѓаат на прагот на смртта. Тогаш, очајно ја бараат таа невозможна шанса, повторно да ја зграпчат младоста, дури само за миг, и да почувствуваат една почиста егзистенција.
Кореографијата и сценската идеја се на Саша Евтимова, костимографијата на Александар Ношпал. Се игра на музика на: Рихард Вагнер, Едвард Григ, Ј. С. Бах, Густав Малер и Милан Димушевски. Видео проекција и филм: Предраг Милошевиќ, а светло дизајн е на Васил Лисичов.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Марија Кичевска Шокаровска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Васил Чичијашвили (Грузија), Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Агим Бафтии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.