Властите во Јужна Кореја соопштија дека „Нисан“ ќе биде казнет поради измама со вредностите на издувните гасови во своите популарни дизел спортски возила.
Јапонскиот „Нисан“ е уште еден од низата производители на автомобили, кои мамеле на тестовите за емисија на штетни издувни гасови од своите возила.
Официјален Сеул најави, дека ќе наложи повлекување на стотици модели на „кашкаи“, кај кои при тестирањето е утврдено присуство на софтвер за манипулација со податоците за емисија на штетни гасови, пренесе агенцијата Франс прес.
„Казната за „Нисан“ би можела да изнесува 280.000 долари. Нашата истрага потврди дека компанијата незаконски манипулирала со податоците за емисија на штетни гасови“, соопшти јужнокорејското министерство за заштита на животната средина.
Тестирањето покажало дека во моделот на „кашкаи“ се исклучувал уредот за намалување на емисијата на штетни гасови кога температурата на возилото ќе достугне 35 Целзиусови степени, со цел да се спречи негово прегревање, додека кај другите возила истото се случува при температура од 50 степени.
Според јужнокорејското министерство, со прекинување на работата на уредот за намалување на емисијата на штетни гасови во „кашкаи“, емисијата на овие гасови достигнува исто или дури и поголемо ниво отколку кај возилата на „Фолксваген“.
Светот прво го шокираше „Фолксваген“, а потоа и компанијата „Мицубиши“, за која постои сомневање дека ја лажирала и потрошувачката на горива кај сите возила произведени во Јапонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.