| четврток, 6 декември 2018 |

Деветта „Македонска книжевна визита“ во Софија

Традиционалната „Македонска книжевна визита“ со која се афирмира македонската литература во соседна Бугарија, со учество на 11 македонски поети и писатели од сите генерации, ќе блесне во своето деветто издание од 13 до 15 мај во Софија.

Организатор на настанот е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.

Годинашната „Деветта македонска книжевна визита“ ќе за почне со книжевниот портрет на современиот македонски поет Веле Смилевски, за чие творештво ќе говорат Санде Стојчевски и Бранко Цветкоски, а истата вечер ќе се одржи и Вечер на современата македонска поезија со настап на 11 македонски поети. Вториот ден од манифестацијата му е посветен на творештвото на Стојан Тарапуза, доајен на македонската литература за деца. За доблестите на неговото творештво ќе говори поф. д-р Кристина Николовска, а на завршниот ден учесниците на манифестацијата ќе имаат официјален прием во Сојузот на бугарските писатели и ќе му оддадат почит на еден од основоположниците на современата македонска литература Венко Марковски.

Еден од најдрагоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија. Во таа смисла наградата „Македонски книжевен Дедал“ која „Макавеј“ ја доделува на секое издание од оваа манифестација придонесува да се оформи во изминатата деценија нова група квалитетни преведувачи (најчесто, истовремено и писатели) кои безрезервно ја согледаа новата голема модерна мисија на македонската литература.

Меѓу најголемите нејзини афирматори се угледните современи бугарски писатели и преведувачи: Петар Караангов, Елка Њаголова, Димитар Христов, Николај Шопов, Роман Кисјов, Здравка Итева, Тања Попова и др. Овие преведувачи, кои се и темелни автори на бугарската литература заедно преведоа околу 30 дела од македонски автори кои се објавија во копродукција со бугарски издавачи или само од бугарски издавачи.

Годинашен носители на наградата за творечки дигнитет и за придонес во афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за зближувањето на македонските и бугарските писатели е бугарскиот писател, есеист и издавач Иван Гранитски.

Со оваа манифестација, издавачката куќа „Макавеј“ по деветти пат придонесува во унапредувањето на врските меѓу македонската и бугарската литература, во обновувањето на плодната комуникација меѓу писателите, преведувачите и книжевните научници од двете земји, во афирмацијата на преводите на македонските дела во Бугарија и на бугарските автори во Македонија и во поттикнувањето нови приврзаници и почитувачи на македонската литература.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top