| четврток, 6 декември 2018 |

Шок-трансфер на сите времиња: Зошто Милко Ѓуровски премина од Ц. ѕвезда во Партизан

Неговиот брат, исто така поранешен репрезентативец и селектор на Македонија, Бошко Ѓуровски, откри дека не можел да поверува дека Милко направил трансфер во редовите на лутиот градски ривал

 

Еден од најголемите шок-трансфери во поранешна Југославија беше преселбата на поранешниот репрезентативец на Македонија Милко Ѓуровски од редовите на Црвена звезда во тие на Партизан.

Точно е дека од мал бев навивач на Црвена звезда. Ги поминав сите селекции, прикажав одлични партии, постигнав незаборавни погодоци, но секогаш бев најслабо платен фудбалер на “Маракана“. Кога ми заврши договорот, клупските челници не сакаа да ги исполнат моите услови и затоа се преселив во редовите на Партизан. Тоа беше вистински шок. Бошко остана во редовите на Црвена звезда, но јас донесов одлука и немаше бегање од такавата одлука. Судбината сакаше веднаш, на првиот дерби натпревар, да се запишам во листата на стрелци. Нормално дека се израдував, а по натпреварот, повторно се дружев со звездашите, изјави Милко Ѓуровски.

Неговиот брат, исто така поранешен репрезентативец и селектор на Македонија, Бошко Ѓуровски, откри дека не можел да поверува дека Милко направил трансфер во редовите на лутиот градски ривал.

Не верував дека ќе го направи тоа, дека ќе направи трансфер во редовите на Партизан. Му беше многу тешко, знаев колку ја сака Црвена звезда, живееше за неа исто како и јас. Нашето детство беше поврзано со Црвена звезда, целиот живот, а потоа голем шок. Сепак, моравме да продолжиме со животот, јас на “Маракана“, тој на “ЈНА“. Мислам дека направивме фантастична клупска кариера во двата најголеми клубови од тогашна Југославија. Точно дека на две различни страни, изјави Бошко Ѓуровски.

 

Бошко Ѓуровски е еден од петте фудбалери кои имаат запишано повеќе од 100 настапи во “црвено-белиот“ дрес и е познат како еден од најголемите лидери кои некогаш играле на “Маракана“.

Имав фантастична кариера, освоивме многу трофеи, игравме на европската сцена. Беа тоа убави времиња и секогаш изјавувам дека ми е многу жал поради распадот на поранешна Југославија. Некако патам за тие времиња, затоа што на сите ни беше убаво, особено на спортистите. Кога започнаа оние несреќни времиња, во една ситуација сакав да му се јавам на мојот голем пријател, Мехмед Баждаревиќ и да дојдеме во Сараево, да застанема на првата линија помеѓу двете војски и да кажеме – НЕ на војната!, додаде Бошко Ѓуровски.

Неговиот брат забележа одлични клупски партии особено на европската сцена, а само после неколку недели беше крунисан во најомилен фудбалер помеѓу најверните фанови, популарните “Гробари“.

Milko 1986

Бев во топ-форма на крајот од 80-тите години. Имавме фантастичен тим, бевме и шампиони. Јас ја имав таа среќа да бидам шампион и како фудбалер на Црвена звезда и како фудбалер на Партизан. Единствено немав среќа при настапите за националниот тим. Имав потрес на мозокот пред да започне Европското првенство во Франција. Единствена утеха ми е бронзениот медал од ОИ во Лос Анџелес. Не бев миленик на селекторите, особено на Ивица Осим кој постојано изјавуваше дека помалку трчам од помошниот судија. Запишав само шест настапи во националниот тим, изјави Милко.

Ниту неговиот брат Бошко не запиша двоцифрен број на настапи во националниот тим иако беше стандарден во младинските категории.

Јас имав проблем со повреденото колено, но ниту јас не бев миленик на селекторот. Осим немаше некое големо мислење за мене. Во дресот на младинската репрезентација одиграв 25 натпревари, а за олимпискиот тим одиграв 20 натпревари. Сепак, имав среќа, да бидам во репрезентацијата на Светот која во Удине беше дел од прошталниот натпревар на Бразилецот Зико, изјави Бошко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top