| четврток, 6 декември 2018 |

Викаат дека се дрогирам, а јас сум само борбен

Гласините за допинг се должат на мојот стил на игра, затоа што се борам за секој поен. Обично луѓето ме обвинуваат без никакво знаење, само затоа што имаат личен проблем или не се задоволни од мене, откри Шпанецот

nadal

Поранешниот светски тениски рекет Шпанецот Рафаел Надал, за шпанскиот весник “Мундо Депортиво” изјави дека нема да дозволува луѓето несовесно да го осудуваат дека користел недозволени супстанции. Исто така, освојувачот на 14 грен слем титули, говореше и за проблемите со нервозата, зошто никогаш нема скршено рекет и околу наследниците на моменталната доминантна генерација.

– Во почетокот на 2015 година забележав анксиозност кога тренирав. Играв многу лошо и чувствував нервоза на тренинзите, како и недостиг на контрола на емоциите. Тоа се случува. Сега интензивно тренирам и добро играм, но ако таквите проблеми се случат барем еднаш во текот на турнирот, тоа значи дека нешто не функционира. Во мојот живот речиси никогаш не се случило добро да тренирам, а лошо да играм, изјави Надал.

Запрашан дали смета дека му е потребен психолог, Рафа изјави:

– Бев еднаш, кога бев дете, бидејќи не можев да заспијам. Мислам дека имав десет години. Мислам дека најважно е да се разговара со блиски луѓе, бидејќи тие те знаат најдобро. Нервозата на крајот ќе помине, цело време бев убеден дека работите ќе се сменат на подобро.

Порано не сакав да спијам многу, бидејќи сметав дека така го губам времето, но со текот на годините го променив тоа и сега спијам повеќе од порано.

Неизбежна тема на разговор беа и гласините за допинг, како и тужбата на Шпанецот против поранешната министерка за спорт на Франција.

– Кога некој дава лажни коментари, без каков било доказ, и така слободно, дојде моментот кога морав да се кажам “крај# и да се борам за она што го остварувам во текот на целиот живот. Обично луѓето ме обвинуваат без никакво знаење, само затоа што имаат личен проблем или не се задоволни од мене. Знам кога човек е сигурен во себе, тогаш нема потреба да гледа во работата на другите луѓе. Од техничка гледна точка, можеби гласините за допинг се должат на мојот стил на игра и затоа што се борам за секој поен, додаде Рафа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top