Балконот на Музејот на современата уметност во Скопје е локацијата на која од утревечер (12 мај) па сѐ до сабота, ќе се одржуваат ревиите на „Мустела Ермин“, „Марков“ и на „АМРА“ зад кои стојат талентираните студенти од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“.
Модните вечери во организација на Моден викенд Скопје ќе започнат со ревијата на брендот „Мустела Ермин“ со почеток во 21 часот.
– Жените на кои им е наменета мојата колекција се бестрашни бидејќи се соочиле со пречки и ги надминале останувајќи непоразени. Имаат самодоверба и не се плашат да привлечат внимание во јавноста носејќи смел, секси, авангардна тоалета – вели Ира Алексовска која стои зад „Мустела Ермин“.
Наредната вечер в петок, на 13 мај, од 20.30 часот ќе ја видиме ревијата на „Марков“ чија колекција претставува следствено продолжение и еволуција на креативната мисла од претходната колекција која ја прикажа лани во рамките на Моден викенд Скопје.
Новата колекција наречена „Prêt-à-porter féminin de luxe party deux“ е наменета „ За идеална жена, извор на постојана инспирација, за личност која цени висококвалитетно изработени парчиња гардероба со маркантен печат во кој е застапен суптилен елемент на ексцентричност и доза на авангардност. Гардероба која има цел да го намами окото на набљудувачот, совршена не само за посебни пригоди и осмислена одлично да се вклопи со фармерки и со останатите елементи од секојдневната гардероба. Мода наменета за храбри, урбани личности со силно изразена индивидуалност – вели Игор Марков за својата колекција на која работеше изминатите шест месеци под менторство на Изет Цури.
Фотографиите за пласирање на колекцијата кои ги потпишува Горан Поповски беа направени во сѐ уште неотворениот хотел „Мериот“ во Скопје, со моделите од модните агенции „Подиум“ и „Црнокрак“.
Во сабота, на 14 мај, од 21 часот ќе биде претставена колекцијата на „АМРА“ поддржана од Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“, Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Република Франција во Македонија и Општина Чаир.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.