| четврток, 6 декември 2018 |

Деветти научен собир на млади македонисти

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Филолошки факултет „Блаже Конески“ и Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици организира Осми научен собир на млади македонисти, кој ќе се одржи 12–13 мај 2016.

Првиот научен собир на млади македонисти се одржа на 20 и 21 мај 1993 година на Филолошкиот факултет во Скопје. Иницијативата за организирање на ваков собир ја даде проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, која, пак, едногласно ја усвои и ја презеде обврската за организација на собирот. Основниот концепт на собирот беше тој да претставува научна средба на млади научни работници чија прва или втора специјалност е македонскиот јазик, со идеја да се одржува на секои две години и да прерасне во традиција на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Идејата се оствари со следниов редослед: во 1995 год. се одржа Вториот научен собир на млади македонисти, 1997- Третиот, 1999 – Четвртиот, по кој дојде до прекин во динамиката од оправдани причини. Традицијата се обнови во 2006 година со одржување на Петтиот научен собир, по кој следуваше Шестиот – 2008, Седмиот – 2010 и јубилејниот Осми – 2013. На овие собири учествувале над 350 млади научни работници.

По иницијатива на Организацискиот одбор на Првиот научен собир, за покровител на собирот е предложен ректорот на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“. Покровителството беше прифатено од страна на сите ректори: 1993 – проф. д-р Томислав Чокревски; 1995 и 1997 – проф. д-р Радмила Кипријанова; 1999 – проф. д-р Александар Анчевски; 2006 – проф. д-р Ѓорѓи Мартиновски; 2008, 2010 и 2013 – проф. д-р Велимир Стојковски. Освен од Универзитетот, собирот добиваше финансиска, логистичка и морална поддршка и од надлежните министерства при Владата на РМ, како и од Деканатот на Филолошкиот факултет.

Во организацијата на сите собири се вклучени членовите на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Местото на одржување на собирот се просториите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Што се однесува до периодот на одржувањето, првичната замисла тоа да биде месецот мај (како придружување кон одбележувањето на патрониот празник на Универзитетот) се оствари со првите четири собири. Петтиот, Шестиот и Седмиот собир се одржаа во декември, со идеја овој собир да биде една од манифестациите за одбележување на патрониот празник на Филолошкиот факултет (19 декември). Последниот (Осмиот) се одржа повторно во мај, враќајќи се на традицијата, односно на првичната замисла.

Рефератите прочитани на досегашните собири се објавени во посебни зборници. Како издавачи се јавуваат Универзитетот, Факултетот и Катедрата.

Уште со Првиот научен собир на млади македонисти, оваа манифестација се здоби со меѓународен карактер. Имено, покрај домашните млади македонисти, на него земаат учество и млади македонисти-странци. Тоа се главно студенти, постдипломци, докторанди од странски универзитети, кои се занимават со теми од областа на лингвистиката и славистиката пошироко, како и на македонистиката потесно. Досега се вклучиле над 60 странски учесници.

Осми научен собир на млади македонисти се карактеризира како посебен од најмалку две причини: а. со него се одбележува 20-годишнината од одржувањето на првиот собир – тоа е и причината поради која се отстапи од двогодишната динамика (претходниот се одржа 2010 год.); б. на предлог на Катедрата за македонски јазик, усвоен од Наставно-научниот совет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, собирот ќе добие уште една одредница во својот наслов: Конференција во чест на Лилјана Минова-Ѓуркова. Со ова ѝ изразуваме благодарност и чест на личноста што беше иницијатор и поддржувач на овие собири.

На овогодишниот собир свои реферати пријавија над 30 млади научници од земјава и од странство. По официјалното отворање на Конференцијата ќе се промовираат зборниците со реферати од Седмиот и од Осмиот собир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top