| четврток, 6 декември 2018 |

Стопанска комора: Милиони евра загуби поради се уште недонесениот правилник за отпад

Во милиони евра се бројат загубите што ги трпат компаниите поради се уште недонесениот правилник за извоз, увоз и транзит на отпад.

Како што соопшти денеска Стопанската комора на Македонија, постапката за донесување на правилникот е почната пред речиси една година, но се уште не е завршена што практично значи неусогласеност на домашната со европската регулатива. Тоа целосно ги спречува стопанските субјекти во вршењето на својата дејност, што резултира со секојдневно зголемување на финансиските загуби.

– Апелираме надлежните институции во најкус можен рок да ја усогласат регулативата. И покрај тоа што се донесени, законските измени не се применливи поради недонесувањето на подзаконските акти, односно правилникот за извоз, увоз и транзит на отпад, реагира Комората.

Според Комората, најголемите негативни реперкусии се јавуваат во реализацијата на увозот и извозот на металните отпадни суровини кои согласно постојните европски и светски регулативи се третираат како суровини, а не отпад.

– Кај стопанските субјекти кои работат со метални отпадоци како основна металургиска суровина, производните активности во голема мерка се редуцирани. Во вакви услови, не може да ги планираат производните активности поради неможноста за непречено и континуирано снабдување со суровини, стои во соопштението.

Асоцијацијата на секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија, како што се наведува, навремено иницираше и со свои мислења и сугестии активно партиципираше во донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад и во дефинирањето  на  текстот на Правилникот за извоз, увоз и транзит на отпад.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top