| четврток, 6 декември 2018 |

Бегај, Зајко, бегај!

Ацо Станковски

Ацо Станковски

За глодарот од атарот на Стримон уште не е доцна за консеквентно бегство од теренот. Ловците доаѓаат, обрачот се стега.

Ако не побегне кутри Зајко од своето дувло, ќе го фати потерата и кожата ќе му ја одере. Ако ништо повеќе, тоа ќе го направи од чисто лукративни причини со продажба на неговото крзно.

Ова е добро време за бегство на еден глодар со промашени амбиции и цели. Нека си ги товари профитите и нека бега од тука, зошто деновите му се одбројани.

Овој пат, за него милост нема да има. Премногу гнев посеа овој забеган Зајак, премногу лаги, премногу клевети и криминал. За кодошлукот и да не збориме.

Ако некогаш драмски се обработи овој дел од македонската историја, овој Зајко од зоолошкото здружение „Комуњарец“ ќе биде претставен како еден од најголемите кодоши и предавници во регионот, а неговата енормна лажливост ќе биде споредувана со најголемите лажливци во историјата на литературата, со баронот Минхаузен, Феликс Крул или, пак, Остап Бендер. И, верувам, овој брз Зајко, принцот на лагата, ќе ги засени сите нив.

Останувањето на теренот за Зајка е фатална одлука, која ќе донесе ужасна трагичност по него самиот. Воопшто не би било интелигентно да се јуначи во ситуацијава, сите адути се против него. Всушност, народот македонски држи огромен дел од адутите, а другиот дел е во посед на Провидението.

Како народот и провидението се во константна синергија, а и двата фактора не гледаат поволно на беззаконијата и дрскоста на Зајко, така овие совети ги сметам за правовремени и полезни.

За Зајко нема друг излез, освен да ја напушти својата дупка, во која ги сонуваше сите оние помпезни сништа за моќта и славата. Сега, сето тоа ќе биде срушено како кула од карти.

Меѓу најимагинативните од народната маса, кои како гигантска формација ловци тргнале на Зајка, се ромори дека, доколку го фатат во дупката, ќе го стават во кафез за долго време, а пред кафезот ќе има натпис: „Ова е Зајко – најголемиот лажго на светот“.

Џанум, не требаше толку да се занесуваш, бре, Зајко, што толку фати да лажеш, а и да клеветиш? Ај што крадеш, тоа и ќе ти го простеше народот. Тука крадењето е традиција. Та, што не искрадоа твоите претходници – предавници на националните интереси, ги искрадоа фабриките и оставија 250 000 луѓе без работа, ги искрадоа името и знамето, и им го продадоа на нашите душмани, се пазареа гнасно, предавнички за општинските територии и сѐ направија, што е одвранто и дегутантно, а, повторно, македонскиот народ сето ова го проголта со стоичка смиреност.

Но ти, Зајко, сирот, несвесен ли си за реалноста, та ти сакаше цар на Македонците да станеш.

Како, бре, Зајко беден, не успеа ваква прелест и лудост да не препознаеш и да влезеш во игра, од која ќе останеш без кожинка?

А, бре, Зајко, зар не си чул дека магариња не се мачкаат со масло за атлети? Зар не си чул, дека глушец мачка не може да изеде, дека камила не може да пројде низ иглени уши?

Македонскиот народ, како и сите други народи, мрази кога измамници и ситни крадци, каков што си ти, сакаат да се наметнат и да владеат со него.

Зар не си одел во училиште, та да ти кажат учителите, дека таков табиет каков што е твојот, не може да го прелаже народот, нити, пак, да зацари со неговата волја.

Можеби си бил слаб ученик, ете, не те бидувало за книга, туку те бидувало за нива и мотика. И тоа е живот, бре, Зајко, и тоа здрав живот. Само треба да се прифати и да се живее достоинствено, без криминал, злоба и лаги.

Но Зајко, суетен, се вообрази. Си втера во паметот, дека е роден да стане владетел, да стане цар.

Можеби белосветските гадови те прелажаа? Та, велат мудрите – „Најлесно можеш да прелажеш лажливец, зошто тој верува на лагите кога и самиот лаже, а по некое време губи способност да разликува вистина од лага“.

Но да е само лагата, бре Зајко, да е само крадењето твое, но кутар, бре, Зајко, ти тргна таму, каде никако не ти е местото – кон тронот.

Тука Зајко направи катастрофална грешка, тоа народот не ќе ти го прости, тука е крајот на твоето налудничаво патешествие.

Обрачот се стега околу дувлото на глодарот. Ловците со намрштени лица чекор по чекор напредуваат кон пленот. Сѐ поблиску.

Ајде, Зајко, не губи време, бегај колку што можеш побргу, зошто ако те фатат, кожинката ќе ти ја одерат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top