Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, синоќа во Брисел ја отвори изложбата „Традиционални костими и накит од Македонија“ на Музејот на Македонија во рамки на неделата на македонската култура што се одржува во белгиската и европска престолнина.
Oваа организација што деновиве продолжува е помогната од фламанското Министерство за надворешни работи на Белгија, а во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“, што Министерството за култура ја спроведува со Амбасадата на Република Македонија во Белгија.
– Презентацијата на македонската култура во Белгија и оваа изложба е од големо значење за нашата држава оти Брисел е срцето на цивилизациска Европа, а традиционалните носии и накитот се обележја на една нација и нејзината култура. Вредните артефакти пред вас се можност да ги збогатите своите сознанија за духовното и материјално наследство на македонската земја – истакна министерката Канческа-Милевска на отворањето на изложбата во фландриското МНР.
Истакнувајќи дека Европа е заеднички дом, македонската министерка за култура истакна дека културното запознавање, зближување и обединување е императив за сите држави. Канческа-Милевска посочи дека Брисел и Белгија се примери и симболи на мултикултурноста на современа Европа, но дека и Република Македонија се докажува како еден функционален, мултиетнички и мултикултурен простор на Балканот, заснован на вредностите и на европските традиции.
– Изложбата на овие традиционални македонски носии и накит ја отсликува духовноста и материјална вистина за историскиот континуитет на македонската земја, како и присуството на различните етноси и народи на македонската почва. Овие креативни творби што можете да ги погледнете се плод на големата љубов, труд и внимание на македонската жена, на нејзината сила и дух кој опстојувал низ вековите. Носиите се украсени со разновиден накит, скапоцени камења и седеф и боите на Македонија – додаде министерката Канческа-Милевска на отворањето на изложбата на која присуствуваа стотици заинтересирани посетители од Белгија и од дипломатскиот кор во Брисел, на кои им беа презентирани 12 комплети традиционални народни носии и накит од различни краеви на земјава кои потекнуваат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век.
Пред официјалното отворање на изложбата, македонската министерка се сретна со генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Фландрија, Коен Верлект, кој е најзаслужен што воопшто оваа недела на македонската култура во Брисел се одржува со претставување на истата како „македонска“ и на нашата земја како Република Македонија, што не е случај кога во Белгија се организатори претставниците на Валонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.