| четврток, 6 декември 2018 |

Лабина Митевска селектирана за „Producers of the Move“ на Кан

На претстојниот Кански филмски фестивал, кој ќе се одржи од 15 до 26 мај, во програмата „Producers of the Move“, која се одржува по 14 пат, меѓу селектираните учесници е и Лабина Митевска од Македонија.

Годинава во оваа програма, која ја организира Европската филмска промоција, и со тоа нуди платформа за соработка меѓу селектираните продуценти, влегоа 29 продуценти од 29 земји.

Нивните активности, односно предавања, работилници, средби, размена на искуство, но и презентација на нови проекти, како и можност за остварување копродукции, ќе се одвиваат во периодот од 18 до 21 мај.

Досега учесници на „Producers of the Move“ беа Дарко Попов, Владимир Анастасов и Роберт Насков. А она што е интересно за оваа година е што Европската филмска промоција по трет пат во рамките на оваа програма ќе соработува со паневропскиот копродукциски фонд „Евроимаж“.

Краткометражниот игран филм „Рози“ на режисерот Горан Белановиќ од Црна Гора, кој со ова дело минатата година дипломира на Катедрата по филмска и телевизиска режија на Универзитетот ЕСРА во Скопје, успеа да влезе во селекцијата за програмата „Шорт корнер“, која се одржува во рамките на Канскиот филмски фестивал. Тоа е програма која не е компетитивна, но нуди одлична можност за презентација.

Кан ги објави и имињата на членовите на жирито, за кое се знае дека ќе го предводи Стивен Спилберг. Меѓу членовите се актерите Никол Кидман и Кристоф Волц, јапонската режисерка Наоми Кавасе, како и британската независна режисерка Лин Ремзи.

Меѓу останатите членови се и режисерот Анг Ли од Тајван, чиј последен филм е „Животот на Пи“, францускиот актер Даниел Аутел, индиската актерка Видија Балан и романскиот режисер Кристијан Мунгиу, кој освои „Златна палма“ за филмот „Четири месеци, три недели, два дена“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top