| четврток, 6 декември 2018 |

Одбележан патронот на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица

Во присуство на голем број верници од повеќе градови од државава, некогашни жители на селото и нивни потомци, беше одбележан празникот Свети Великомаченик Георгиј, патрон на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица.

Одбележувањето почна синоќа со вечерна богослужба и продолжи и денеска со утринска богослужба,  а потоа и со света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше  митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј.

На одбележувањето на патронот по традиција присуствуваа голем број верницици од Битола, Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево, но и дебрани. Тука беа и поранешни жители на селото и нивни потомци.

Манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“, е женски манастир. Се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирскиот конак е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Даниил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.

Од 2003 година Раичката обител се удостои да стане Кивот во кој се чуваат светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top