| четврток, 6 декември 2018 |

Нема договор – ФИБА ги одби предлозите на Евролига

fiba-euroleague

Маратонскиот состанок меѓу претставници на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и претседателот на кошаркарската Евролига (УЛЕБ), Џорџи Бертомеу заврши без договор. Двете страни не успеаја да ги разрешат несогласувањата меѓу овие две кошаркарски организации, па санкциите кои ги изрече ФИБА на 14 европски сениорски репрезентации не се поништени.

На четири часовната средба во Минхен присуствуваа и челниците на евролигашките екипи Фенербахче, Реал Мадрид, Макаби и Олимпијакос.

ФИБА не ги прифати предлозите кои Евролига ги понуди:
– Клубовите без страв од која било страна да имаат слобода при изборот во кое натпреварување ќе учествуваат
– Да бидат зголемени ингеренциите на ФИБА во рамките на Евролигата низ новата структура на контролата на донесувањето на правилата на игра, трансферите, допинг контролите и санкциите.

Претставниците на ФИБА едноставно инсистираат да не постои Еврокупот на УЛЕБ, а кошаркарските федерации чии клубови ќе учествуваат во него, да бидат суспендирани.

Како последица на ова, остануваат на сила привремената суспензија за 14 федерации, меѓу кои е и македонската. Овие суспензии можат да се одразат на настапите на репрезентациите на Олимписките игри во Рио де Жанеиро и стартот на квалификациите за Европското првенство идната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top