| четврток, 6 декември 2018 |

Укинување на визниот режим: ЕУ им ги отвори портите на Турците и на Косовците

Европската комисија го усвои предлогот за укинување на визниот режим за турските државјани. И Косово доби зелено светло за шенгенската зона. Унијата, пак, се подготвува да ја продолжи граничната контрола поради зголемениот наплив на бегалци…

turcija eu

Европската комисија усвои предлог што го достави до Европскиот совет и до Европскиот парламент за укинување на визите при патување во некоја од земјите-членки на Европската унија за граѓаните на Турција и на Косово. Предлогот е дел од договорот на ЕУ и Турција за мигрантската криза, според кој Унијата се обврза дека Турците ќе добијат безвизен режим до крајот на јуни годинава. Доколу Европарламентот со просто мнозинство, а Европскиот совет со квалификувано мнозинство го усвојат предлогот,  граѓаните на Турција и на Косово од 1 јули ќе патуваат без визи во Европската унија. Брисел продолжува со истото темпо за да се испочитува договорот за бегалците меѓу Турција и ЕУ чија цел е да ја ублажи најтешката бегалска криза во Европа по Втората светска војна. Граѓаните во Истанбул го поздравија потегот со кој би им се олеснила сложената процедура за добивање виза.

„Ако се укинат визите, ќе патувам почесто. Последната виза ми траеше само шест месеци. Искрено, не сум оптимист дека ќе сменат нешто“.

„Со визната либерализација ќе ни се забрзаат процесите. Ќе треба само да направам план и да купам авионски билет. Во спротивно, мора да вадам и виза пред сето тоа“, велат жители на Истанбул.

kosovo eu

Во меѓувреме, Турција се согласи да ги укине визните ограничувања за граѓаните од ЕУ, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на кипарските Грци, иако и натаму не сака да го признае Кипар. Поради зголемениот број бегалци од Блискиот Исток и неодамнешните напади во Европа, визната либералцизација за државата со 79 милиони жители е спорно прашање. Ставовите во Европскиот парламент се неусогласени.

„Треба да воведеме контрола за да имаме евиденција за тоа кој влегува во Европа и за времетраењето на нивниот престој овде“, изјави Манфред Вебер, ЕПП.

„Европа не функционира како што треба. Одговорноста ја префрламе на Турција и на Грција, а згора на тоа, ги занемаруваме оние на кои најмногу им требаат заштита и помош, бегалците од воените подрачја“, смета Ска Келер, Партија на зелените.

Некои членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, ги засилија контролите на границите. Заедно со Франција, Австрија, Данска и Шведска, Берлин испрати писмо до ЕК за продолжување на контролата во шенгенската зона.

Според правилата на ЕУ, земјите може да ја вратат контролата на границите најдолго две години во периоди од по максимум шест месеци доколку постои опасност. Враќањето на граничните контроли во Европа каде што се патува без пасош би чинело до 18 милијарди евра годишно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top