| четврток, 6 декември 2018 |

Барселона во друштво на Реал и на ЦСКА, се чека последниот патник на Ф4

Барселона е третиот патник за Лондон, на завршниот турнир во кошаркарската Евролига,  по клучната победа над Панатинаикос со 64-53 на свој терен. Каталонците ја затворија серијата со конечни 3-2 во победи, а на крајот беше и најлесно за нив. Рутински славеа во мајсторката со 11 поени разлика, што е најголема предност на еден од двата тима во сите 5 натпревари.
Панатинаикос имаше меч-топка во четвртиот дуел во Атина, при предност од 2-1 во победи, но не успеа да мине понатаму.
Во вчерашниот меч, „детелинките“ од Атина немаа шанси за успех и беа инфериорни во текот на целиот меч.
Во второто полувреме се доближија до пет поени негатива, но во вистински момент се разбуди Хуан Карлос Наваро. Тој не дозволи сензационален пресврт, а беше и најефикасен кошаркар на Барселона со 15 поени. На спротивната страна, Стефан Лазме постигна 16 поени.
Барселона стана третиот учесник на завршниот турнир во Лондон, по ЦСКА Москва и Реал Мадрид. Последниот учесник на Ф4 ќе биде познат по мајсторка меѓу Олимпијакос на нашиот Перо Антиќ и турскиот гигант Анадолу Ефес. Тој меч се игра денеска. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top