Многубројната американско-македонска заедница од Њу Џерси и Њујорк претставена од трите црково-културни заедници од Тотува и Сидар Гроув, Њу Џерси, Квинс, Њујорк ги повика сите политички субјекти, граѓанскиот сектор и невладините организации во Македонија бескомпромисно и целосно да работат за националните интереси на Република Македонија.
Одлучно повикуваме на почитување на демократските вредности и принципи, еднаквост и почитување на човековите права, конечно, владеењето на правото. Супстанцијата на демократијата е во решавањето на проблемите во институциите и почитување на волјата на граѓаните остварена на избори. Правото на протест е уставно право на секој граѓанин, но нарушувањето на јавниот ред и мир и оштетувањето на јавен имот е недемократски акт и претставува прекшок за кој е предвидена казна. Ги повикуваме сите млади кои се на улиците, вклучително сите кои поддржуваат протести да ги насочат своите ресурси кон суштинска демократија, односно избори и активна демократија. Упатуваме порака до претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција. Покрај добронамерната диспозиција на претседателот, исходот е аподиктично негативен. Неприфатливо е лидерот на опозицијата кој цела година ја вознемирува македонската јавност со нелегално стекнати аудиоснимки на телефонски разговори, јавно објавувајќи приватни разговори, претходно уценувајќи го премиерот на државата, еднаш веќе аболиран во 2009, повторно да биде предмет на аболиција. Ваквата одлука на претседателот ги направи сите останати виновни пред да биде докажана нивната вина. Истовремено упатуваме апел да се ревидираат и да се повлечат сите претходни аболиции во Република Македонија, стои во соопштението.
Од американско-македонска заедница велат дека македонските граѓани се дискриминирани во континуитет, македонската држава имплодира, македонскиот устав и волјата на македонската нација се крунски разнебитени со Договорот од Пржино од јуни 2015 г., кој е последна инстанца во низата на перманентни кризи и неколку претходни предвремени избори.
Повикуваме итно да прекинат обвинувачките и клеветнички дејства на сите политички актери и силно апелираме на соработка за добросостојба на нашата татковина. За да завладее демократијата и за излез од кризата, нужно е да се почитува волјата на грашаните и неодложно да се одржат избори на 5 јуни 2016. Секое одложување ќе значи само продлабочување на кризата, а тоа ќе има непредвидливи последици, се вели во соопштението на американско-македонска заедница од Њу Џерси и Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.