| четврток, 6 декември 2018 |

Почна конкурсот за манифестацијата „Топол културен бран“

Во тек е конкурсот за манифестацијата „Топол културен бран“, за финансирање проект од национален интерес во културата во 2016 година. Со цел постигнување правилна деметрополизација на културата и рамномерен локален културен развој во земјава, Министерството за култура и во 2016 година обезбеди средства од Буџетот на Република Македонија за реализација на манифестацијата „Топол културен бран“.
Манифестацијата ќе се реализира преку заедничко финансирање од страна на Министерството за култура и локалната самоуправа со обезбеден партнерски и финансиски однос за остварување на културните потреби на сите граѓани. Настаните, како и секоја година, ќе се реализираат во две етапи – првата во јули, а втората во август 2016 година.
Право на учество на Конкурсот имаат општините во Република Македонија кои треба да достават прецизна и сеопфатна програма со проекти од сите области на културата: филм, театар, музика, танц, литература и ликовна уметност.
Програмскиот концепт може да содржи самостојни и групни ликовни изложби, концерти од сите музички форми и жанрови (солистички, камерни, симфониски, популарни, етно и џез концерти, концерти на фолклорни и на хорски ансамбли и слично), изведби на класичен и на современ танц, филмски проекции, драмски претстави, проекти наменети за најмладата популација, поетски читања и друго.
Пријавувањето на програмата се врши со доставување на уредно пополнета пријава која треба да се преземе од веб–локацијата на Министерствотo за култура (www.kultura.gov.mk) и да се пополни електронски со впишување податоци на означеното место. Конкурсниот рок трае заклучно со 27.5.2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top