| четврток, 6 декември 2018 |

Лук Кофи: Парламентарната демократија напредува тогаш кога во земјата има силна и лојална опозиција

 

luk kofi

На парламентарните демократии им е потребна силна и лојална опозиција, но во моментов во Македонија кај опозицијата недостасува одредницата “лојална”, пишува Лук Кофи, директор на Центарот за надворешни работи во американската фондација Херитиџ, во колумна во Вашингтон тајмс.
Кофи, кој е чест коментатор за Балканот и поддржувач на македонското интегрирање во НАТО, во својата колумна вели дека излез од политичката криза во Македонија треба да се бара во изборите на 5 јуни, а не во насилните опозициски протести, додавајќи дека стабилноста и напредокот на Македонија е важен и за Европа, имајќи го предвид стратегиското значење на нашата земја.

-Ниту една влада не е совршена. Во секоја земја, несомнено, има легитимни политички забелешки за власта. Парламентарната демократија напредува тогаш кога во земјата има силна и лојална опозиција. Но, во моментов, оваа одредница “лојална“ како да недостасува кај македонската опозиција. Опозициските демонстранти ја запалија Народната канцеларија на претседателот Иванов и го нападнаа Министерстерството за правда. Тоа не е демократија, тоа се мрачни сценарија. Во едно демократско општество, најдобриот судија и порота за една влада е гласачката кутија. Мирни протести се знак на здраво општество. Но, доколку треба да има политичка смена во Скопје, таа треба да се случи низ гласачките кутии и низ Собранието, а никако преку улиците, пишува Кофи во колумната во Вашингтон тајмс.

Според американскиот безбедносен експерт, протестите што се одвиваат во Македонија, отвораат прашања и за пристрасноста на Специјалното јавно обвинителство.

Протестите започнаа по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за помилување на политичари обвинети во навидум бескрајното и политички мотивираното истражување на обвинувањата содржани во аферата „Прислушување“. Се тврди дека специјалната обвинителка која ја води истрагата отворено застана на страна на опозициската партија, иако од неа се очекуваше да биде неутрална. Претседателот Иванов веројатно се реши на чекорот со амнестијата со цел да ја помири својата земја и да ја релаксира политичката ситуација во пресрет на изборите, пишува Кофи.

Експертот за безбедносни прашања додава дека овие домашни политички превирања во Македонија добиваат и меѓународна димензија.

Македонија сега е соочена со сериозни надворешни закани. Земјата беше главна рута за мигрантите и бегалците кои од Блискиот Исток се упатуваат кон Северна Европа. Повеќе од милион бегалци минаа низ Македонија – земја со само 2,1 милион жители. Тоа би било како да пропуштиме 150 милиони бегалци да минат низ САД од Мексико до Канада, незамислива ситуација.
Оттаму, случувањата во Македонија се важни за САД. Македонија, впрочем, е верен сојузник, кој испрати свои војници во борбата против тероризмот во Авганистан и во Ирак. Ги исполни сите критериуми за членство во НАТО во 2008 година, и не доби членство единствено поради билатералниот спор со Грција. Македонија е еден од најдобрите американски сојузници во регионот и за срамота е што Белата куќа не изврши притисок врз Грција околу името, пишува Кофи, додавајќи дека и покрај грчката блокада на евроинтеграциите, Македонија успеала да се рефорира, да генерира висока стапка на економски раст и да се искачи на врвот на листите на Херитиџ и Светската банка за успешни реформи во економијата.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top