| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски манифест: Избори на 5 јуни и ставање ред во внатрешните и во надворешните работи

makedonski manifestИзбори на 5 јуни, да се стави ред во внатрешните и во надворешните работи, да се врати уставната автентичност на земјава, да се прекинат преговорите за името и да се побара одлука за решавање во Обединетите нации, да се изгласа декларација за неменување на уставното име, а новата влада да го прекине Договорот од Пржино.

Ова се главните заклучоци на тркалезната маса на тема „Одбрана на македонската независност, име, идентитет“  што денеска се одржа во Скопје во организација на Македонски манифест и Граѓански здруженија за суверена Македонија.

– Неопходни се избори на 5 јуни, но големата работа ќе биде по изборите за Македонија да се врати во колосекот на самостојни и независни држави од кој не истуркаа пред повеќе години. За да може тоа да се реализира неопходни се цврсти луѓе, македонски патриоти, а не полтрони, односно луѓе кои знаат, имаат волја, можат да носат одлуки, но имаат и храброст да ги спроведат во името на македонската држава и народ, порача професорот Стефан Влахов Мицов.

Тој истакна дека во Македонија деновиве се врши надворешна и внатрешна агресија која, како што посочи, им дава илузија на ЕУ и САД да не третираат како освоена територија.

Поетот Ефтим Клетников посочи дека притисокот со името е најлошото нешто што може да не снајде, бидејќи,  потенцира, со промената на името засекогаш сакаат да не избришат од картата на народите.

– Нашиот идентитет извира токму од името и затоа ни поставуваат стапица дека ќе се менува само името. Самопочитта да се подигне на повисоко ниво и решително да кажеме не на промената на името, рече Клетников.

Фразата „оставете го минатото и гледајте на иднината“ ја оцени како залажување и додаде дека  денешната генерација нема право да го промени името заради безбројните жртви од минатото и идните поколенија.

Професор Тони Науновски, пак, истакна дека нема сегашност, а уште повеќе иднина ако немаме минато. – Не смееме да дозволиме да ни го сменат името, а уште помалку да ни дадат некоја додавка на нацијата и да ни пишуваат некоја нова историја со која ќе почнеме од нула, рече Науновски, посочувајќи дека партиите и политичките елити не  ги артикулираат секогаш ставовивте и барањата на македонскиот народ.

Амбасадорот Ристо Никовски оцени дека земјава речиси две години е во длабока криза која ги тресе темелите на државата и сериозно го доведува во прашање нејзиниот опстанок.

– Суштината на сите проблеми со кои се соочуваме е неприфаќањето на нашето име и нација. „Ерга омнес“ е измама и лага со која наместо да ни ја сменат референцата сакаат да ни дадат друго име, рече Никовски.

– Мора да се направи се за да се дојде до избори на 5 јуни и македонскиот народ да гласа за себе и за својата иднина, рече Никовски.

Аболицијата што ја даде претседателот Иванов ја оцени како „историски исчекор со кој спречи украинско сценарио и граѓанска војна“.

Исмаил Бојда нагласи дека Македонија од секогаш некој тежнееше да ја подели  и го нарекуваа народот Егејци, Торбеши, Помаци, Реканци,.. со еден збор – се само не Македонци. – Сите треба да застанат зад црвената линија и да кажат не за промена на името, а потоа да си ги решиме внатрешните прашања и на избори да видиме кој ќе владее, рече Бојда.

Дардан Венетски истакна дека македонското име, идентитет и јазик се многу стари и го содржат кодот што некој не сака да го признае.

– Наш единствен сојузник е правото, друг немаме. Треба да побараме меѓународната заедница да го почитува правото. Небулозен, понижувачки и срамен е условот прво име, а потоа НАТО и ЕУ. Неопходно е организирање избори за сите да излеземе од кризата, рече Венетски.

Запро Запров порача дека она што ни се случува во моментов воопшто не е наивно, туку е стратегија за уништување на Македонија. – Инсистираат сами да се откажеме од својот идентитет за никогаш подоцна да не го побараме името Македонија. Ниту еден народ своето име и идентитет го нема опеано како Македонците. Тоа кажува дека знаат кои се и што се и никогаш нема да се откажат од тоа, рече Запров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top