Со изведбата на претставата „Транс Ла Вало“ на Beijing Nine Contemporary Dance Company од Пекинг, Кина, вечер во Скопје ќе биде затворен Интернационалниот фестивал за современ танц „Танц Фест 2016“.
Публиката во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе има можност да види една современа танцова претстава, која обработува тема за човекот во урбаниот простор, интеракцијата помеѓу поединецот и општеството и влијанијата и релациите помеѓу нив.
Насловот на претставата “Транс Ла Вало“, која е во кореографија на шпанскиот кореограф Хорге Крезис, е преземен од есперанто јазикот и значи „оној кој се надева“.
Како мотив за својата креација, кореографот ја наведува мислата на Џејмс Монтгомери: …зад оваа долина од солзи, таму горе, постои живот, бесконечен поради летот на годините. И сиот тој живот е љубов……
Понатаму, Крезис вели: „Зад таа долина, заедно во времето и просторот се наоѓа еден велеград. Градот е матица каде животот постојано се развива, уништува и повторно обновува. Модерните градови се направени од милиони и милиони тони челик и бетон… тие се опасни, големи и задушувачки, можат да лебдат над нашите глави и наеднаш да не удрат, зграпчат, заплеткаат и да не проголтаат. Тие можат да бидат непредвидливи, но на крајот на денот, создадени се за и од луѓето. Од почетокот на времето до денешен ден, создаваме простор, кој мислиме дека е најдобар за нас и за општеството во кое живееме. Групата секогаш ќе биде посилна од индивидуата. Кога група на луѓе во кохезија ќе се соочи со непредвидливоста на урбаните простори, секогаш наоѓа начин да ги избегне тешкотиите кои може да ги пресретнат. Животот секогаш ја победува смртта. Историјата на еволуција не научила дека животот не запира. Животот не ослободува; се шири на нови територии, и руши бариери, опасно, трескавично па дури и болно. “
Хорге Крезисе е шпански танчер и кореграф. Работи како професионален танчар во компании во Барселона, Брисел и Лондон. Има своја танцова компанија, но работи и како гостин-кореограф во танцови компании од Велика Британија, Европа, Русија и Кина.
Nine Contemporary Dance Company од Пекинг е основана во 2010 година. Компанијата е посветена на комбинирање на современи танцови техники со елементи од кинеската традиција. Тоа е единствената современа танцова компанија во Кина која има свој сопствен театар. Во последните пет години, компанијата реализира преку 10 успешни продукции, во кои го третира човекот и општеството во кое живееме. Продукциите се базираат на иновации и истражувања во современиот танцов израз. Компанијата вкрстува најразлични уметнички форми, на кои работат талентирани и независни артисти, кои го истражуваат сценскиот израз, како и говорот на телото кој ја отелотворува кинеската културна свест.
Чао Ке, уметнички директор на Nine Contemporary Dance Company, дипломира на Академија за танц во Пекинг. Работи во Modern Dance Company како кореограф и солист, а во 2010 ја основа Nine Contemporary Dance Company. Тој се посветува на промовирање на современиот танц во Кина и популаризација на современата танцова уметност. Во својата танчерска кариера, Чао Ке настапува како танчер во познати театри низ Европа, Северна Америка и Азија, вклучувајќи го Кенеди Центар за изведувачки уметности и Џојс Театарот во Њујорк, Националната опера од Париз и Националниот театар од Шпанија. Гостува на познати фестивали и интернационални културни настани како Биеналето во Венеција, Фестивалот за уметност во Сингапур, Интернационалениот Уметнички Фестивал – Сервантес, Интернационален Фестивал Чанг Му, Фестивалите за уметност во Мадрид и Рим, Кунст ен Кастелен и Фестивалот за уметност во Тајван, Крос-Стреитс.
Во август 2013 година, Чао Ке добива покана да ја презентира својата кореографија „Името на розата“, на фестивалот „Дванаест дена на кинеската танцова уметност“ во Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг, кој е најголемата уметничка институција за презентација на претстави во Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.