| четврток, 6 декември 2018 |

Државен завод за статистика: Најплатени програмерите, вработените во воздухопловството и во маркетинг

Со просечна нето плата од 45.000 денари програмерите се моментално најплатените кадри на пазарот на труд, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Во февруари годинава, лицата кои се занимаваат со компјутерско програмирање, според податоците на статистика, заработиле просечно 45.301 денар. Веднаш после нив, со највисока заработка се лицата вработени во воздухопловниот транспорт. Тие во истиот месец имале просечна нето плата од 43.683 денари.

Се чини дека платата на вработените во маркетинг индустријата во последно време постојано расте, па вработените во овој сектор во февруари годинава зеле просечна плата од 42.277 денари. Заедно со вработените во фармацевтската индустрија и финансискиот сектор, тие се на листата најплатени дејности во земјава, чија нето заработка во просек надминува 40.000 денари.

Вработените во фармацевтската индустрија во февруари годинава имале просечна нето заработка од 42.021 денар, додека оние во секторот на финансиско- услужни дејности имале нето заработка од 40.906 денари.

Од друга страна, статистиката покажува дека најниски примања имаат вработените во кожарската индустрија со просечна нето плата од 11.303 денари и вработените во текстилната индустрија, со просечна нето заработка од 12.379 денари. После нив следуваат работниците индустријата за преработка на дрво и производство на мебел, со просечни нето заработки од 13.301 денар и 13.329 денари, соодветно. Со 13.387 денари просечна плата, после нив на листата се вработените во секторот- рибарство.

Според податоците на Државниот завод за статистика статистика, во февруари просечната плата во земјава изнесувала 21.813 денари и во однос на истиот месец лани зголемена е за 3,4 проценти. Најголем раст на просечната плата во однос на ланскиот февруари има во градежништвото за 16,3 проценти, како и административните и земјоделските дејности, кај кои се забележува раст над 11 проценти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top