| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе победи ли разумот или ќе се удавиме во сопствената крв?

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Беа потребни векови за да се избориме за сопствена држава, а само 25 години за да се доведеме до состојба пред самоуништување. Интересно е што во изминатите две и пол децении имаше многу посериозни предизвици, кои можеа да ја турнат младата држава на колена, почнувајќи од самиот процес на осамостојување, економските санкции од Грција, притисокот за прифаќање на привремената референца, промената на знамето, атентатот на претседателот Киро Глигоров, криминалната приватизација, која остави 200.000 луѓе на улица, настаните од Гостивар, бегалската криза за време на бомбардирањето на Косово, воениот конфликт во 2001 година, територијалната поделба, сомнителната авионска несреќа на претседателот Борис Трајковски… Но сите проблеми и кризи предизвикани што од домашни, што од надворешни фактори беа надминувани благодарение на мудроста на толерантниот и мирољубив македонски народ. Овој пат, еден безрбетен лидер на опозицијата и неколку ужасно неспособни негови блиски соработници, со помош на криминалното подземје и „надворешните пријатели“ меѓу кои амбасадори, Сорос, „Канвас“, припадници на странски служби… решени се да одат до крај во намерата да го урнат целиот систем на државата до темел, по цена да предизвикаат ескалација на кризата, која може да доведе до крвав судир меѓу Македонците. Одлуката на Заев од средата да не оди на лидерската средба во Виена е само долевање масло на огнот, кој треба да ги запали страстите на тој, обично толерантен граѓанин. Неговото барање за одложување на изборите на 5 јуни би можело да биде иницијална каписла за активирање вулкан од незадоволство кај широката народна маса, која го контролираше трпението со надеж дека кризата ќе добие институционална разрешница. Особено ако меѓународната заедница по којзнае кој пат премолчено го одобри неговиот деструктивен пристап.

Во тој случај, сакале или не, решението на кризата место на маса, неминовно ќе се бара на улица. Колку и да одолевал народот на провокациите и на предизвиците, политичките манипулации на Заев и агресивноста на неговата криминална банда го доведоа до крстопат што води во два сосема различни правци – да продолжи да толерира насилство и разнебитување на државата или решително да излезе и да каже стоп за агонијата што ја предизвикуваат овие диви орди.

Одлуката да се излезе на масовен собир за да бара итно решавање на кризата преку предвремените избори на 5 јуни е само показател дека народот нема намера да се откаже од суверенитетот на државата во корист на одредена група криминалци, а тоа особено ги вознемири опозициските мршојадци, кои сакаат власт без соочување со шпекулациите.

Со кукавички крик опозициските медиумски перјаници и нивните аналитичари што во исто време одобруваат и поттикнуваат насилства од страна на хулиганите на СДСМ и на Сорос, уште во истиот момент го обвинија народот што застанува во одбрана на државата дека барал крвопролевање! Ова е само еден од низата апсурди што неуспешно се обидуваат да ги протнат како апсолутна вистина со цел да го оправдаат вандализмот што на големо го воспеваат.

Следејќи ја нивната искривена логика што ја пропагираат долг период наназад, дивите орди, организациски потпомогнати од „Канвас“ и од Сорос, имаат право да палат и да уништуваат, а неколкукратно побројната маса народ нема право да ги одбрани државните објекти што се цел на напади и културното наследство. Хулиганите имале право да напаѓаат полицајци, но полицијата немала право да се брани. Тие имале право да судат и осудуваат без докази и судење, а нив никој не смеел да им суди. Всушност, тие не ги ни признаваат судовите. Тие можат да прават сѐ, затоа што имаат чадор, а неистомислениците смеат само немо да следат и да го плаќаат зулумот. Хулиганите имаат право да напаѓаат медиуми и да тепаат новинари, но само опозициските новинари, медиуми и организации смеат да се жалат на условите во кои работат. Опозициските мегафони имаат право да го навредуваат секој неистомисленик, па дури и да се закануваат со одмазда кон секој што е од „другата страна“, а секоја критика на нивна сметка се цени како притисок врз „слободните медиуми“ и како говор на омраза. Истите тие што, наводно, се борат за слобода и за демократија го замолчуваат секој што мисли поинаку, секој што повикува на разум, на смиреност и на институционална разрешница на кризата.

Сите овие донкихотски „јунаци“, кои изминатите денови се пресметуваат со згради и со споменици, и напаѓаат полицајци во обид да се претстават пред светот и домашната јавност дека се борат за некаква правда, несвесно ја покажаа визијата на СДСМ за иднината на Македонија. И додека народот молчи, нивната агенда поминува. Но, не успее ли меѓународната заедница во најскоро време да го вразуми лидерот на опозицијата да прифати мирно решение за кризата, страшно е дури и да се прогнозира каков резултат ќе донесе улицата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top