| четврток, 6 декември 2018 |

Гилјермо Мартнес: Ме радува што гледам луѓе што доаѓаат и купуваат книги

Гилјермо Мартинес, најпрведуваниот аргентински писател на 21. век и еден од најчитаните аргентински писатели во моментов, познат како автор на „Оксфордски убиства“, според кој беше снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд во главните улоги, е во Скопје и е гостин на издавачката куќа „Антолог“, која го објави мистичниот трилер „Бавната смрт на Лусијана Б.“.

Мартинес вчера и денеска е на Саемот на книгата каде што потпишуваше книги и ја промовираше „Бавната смрт на Лусијана Б.“.

– Многу ми се допаѓа Самот на книгата во Скопје. Мал е, но преполн со книги. Ме радува што гледам луѓе што доаѓаат и купуваат книги. На многу други саеми има и книги и други, придружни работи, но овде, во Скопје, на еден помал простор може да видиме многу луѓе што заинтересирано разгледуваат, читаат и купуваат книги – изјави Мартинес за „Република“.

„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите. Повод за оваа посета е токму огромниот интерес за делата на Мартинес.

Мартинес (Guillermo Martínez) е роден во 1962 година во Баија Бланка, град во покраината Буенос Аирес. Почнал да пишува под влијание на татко му Хулио Мартинес, агроном, фармер, шахист и страстен читател. Дипломирал математика во родниот град, а докторирал математичка логика во Буенос Аирес, по што заминал на постдокторски студии во Оксфорд, Британија.

Со помош на стипендии и на грантови извесен период престојувал на писателски резиденции во Канада, Соединетите Американски Држави, Италија. Бил гостин професор на многу факултети во Европа, САД и во државите од Латинска Америка. Живее во Буенос Аирес со сопругата и со ќерката. Игра шах и тенис.

Автор е на десет книги, од кои половината се романи. Неговата окупираност со математиката и со логиката се одразува во објавените книги есеи „Борхес и математиката“ (2003), „Формула за бесмртност“ (2005), „Годел за секого“ (2009). Автор е и на збирките раскази „Големиот пекол“ (1989) и „Одбивна среќа“ (2013), за која ја добил наградата „Габриел Гарсија Маркес“ во 2014 година, едно од многуте високи книжевни признанија во неговата биографија. Неговите дела се инспирирани од: Борхес, Хенри Џејмс, Кафка, Томас Ман, Гомбрович, Казанова, Дарел, Толстој. Преведен е на 40 јазици.

Целото интервју со Мартинес ќе го прочитате во неделникот „Република“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top