| четврток, 6 декември 2018 |

Комедијата продолжува, само шампионот од АБА-лигата и тоа ако има Б-лиценца, ќе игра во Евролигата

Комедијата продолжува, а правилата се менуваат постојано за настап во Евролигата во кошарка идната сезона, во делот што се однесува на Јадранската лига. Најновата одлука е дека само победникот на фајналфор турнирот ќе игра сигурно во Евролигата, и тоа само ако има исполнето услови за Б-лиценца. Од четворицата кандидати за трофејот, Партизан и Црвена Звезда ги исполнуваат условите, а Раднички Крагуевац и домаќинот на турнирот Игокеа ја немаат потребната лиценца.

Првично беше најавено дека во елитната европска лига идната сезона, сигурно ќе настапат првакот од регуларниот дел и шампионот од доигрувањето. Откако беше очигледно дека „малата“ Игокеа од Лакташи ќе биде најдобра во основниот дел од Јадранската лига, правилата се изменија. Од Игокеа протестираа, и одбија да го организираат плејофот, бидејќи новата одлука гласеше дека само финалистите од плејофот ќе настапат на европската сцена. Сега и тоа се промени, а вистински хаос имаше и со најавите каде ќе се игра завршницата. Според правилата првопласираната екипа Игокеа имаше право да биде домаќин, па наводно немаа услови за организација. Се тргна на варијанта Белград да биде домаќин, па потоа и Скопје, Ниш… и така до бескрај. Вистински калабалак со одлуките на Роман Лисац и Јосип Билиќ, двајцата челници на Јадранската лига, а потоа и од врвот на Евролигата.

Македонскиот првак МЗТ Скопје, годинава премиерно учествуваше во Јадранската лига и го освои седмото место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top