Ако соберете 100 лица кои ги познавате и ги прашате кој се чувствува свеж и навистина добро, колку од нив би кренале рака?! Веројатно само неколку.
Според податоците, објавени во Good Health today се поголем е бројот на луѓето кои страдаат од хроничен замор, истоштеност или ненаспаност. Ова нарушување стручно се нарекува семи-сомнија. Овие лица ги немаат симптомите на вистинска инсомнија, поради што никогаш и не бараат стручна помош. Проблемот е предизвикан од недостиг на сон и лош сон. Ова е последица на модерниот начин на живеење, односно постојаното натпреварување со времето и обврските.
Колку се разликува семи-сомнијата од вистинската несоница?
Научниците велат дека луѓето заборавиле колкава е важноста на сонот за емотивното, психичкото и физичкото здравје и оти сонот е исто важен колку здравата исхрана и телесната активност.
Додека спиеме минуваме низ неколку циклуси на длабок сон, при кои нашиот имунолошки систем реагира. РЕМ (rapid eye movement) фазата, во која сонуваме е важна за справување со стресот и емоциите. Доколку не спиете доволно, циклусите се нарушуваат, а тоа значи дека се намалуваат шансите за РЕМ фазата, која дури понекогаш и целосно изостанува.
Краткорочно гледано, поради недостиг на сон можете да станете нервозни, напнати и да имате лоша концентрација. Долгорочно пак, тоа може да ве направи депресивни, склони кон дебелеење, но и да придонесе за појава на дијабетес, срцеви болести и срцев удар.
Недостатокот на сон може да се поврзе со брачните проблеми, разводот, невработеноста или незадоволството со работа, но овој проблем може и самиот да биде причинител за овие проблеми. Станува збор за причинско-последична врска, односно за еден магичен круг.
Семи-сомнијата не се смета според тоа колку часа сте спиеле, туку колку сте се одмориле. Доколку сакате да знаете дали страдате од ова нарушување треба да се запрашате: На скала од 1 до 10 колку добро се чувствувате во периодот од 11 до 14 часот? Ако сте оцениле 5, тогаш сте само половина „добро“ од тоа колку би требале. Дури и да речете 7, повторно нема да биде добро, бидејќи тоа е периодот од денот кога би требало да бидете во топ форма. Доколку во овој период не се чувствувате најдобро, тогаш задолжително треба да ги промените навиките на спиење..
Живееме во општество, каде што заморот се смета за сосема нормална појава. Деновите кога се чувствуваме полетно се навистина ретки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.