| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски: Поднесени нови 80 илјади барања за легализација

lega

Осумдесет илјади барања за легализација на нелегално изградени објекти се доставени во продолжениот рок за таа намена, кој истече на крајот на минатиот месец.

-До завршување на рокот пристигнаа 80 илјади барања за легализација. Нашата процена излезе реална бидејќи очекувавме од 50 илјади до 80 илјади барања – изјави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Осумдесет илјади, посочи ресорниот министер, е добра бројка, односно граѓаните доставиле многу барања и сега останува општините да си ја завршат својата работа.

– Од друга страна, сите тие што поднеле барања во согласност со Законот сега ќе можат својот геодетски елаборат да го направат до крајот на 2017 година. Имаат доволно време секој посветено да си го заврши својот дел и да си добие имотен лист за својата куќа – изјави Мисајловски, одговарајќи на новинарски прашања, при посетата на Општина Чучер Сандево.

На почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти, се овозможи дополнителен рок за поднесување барања. Услов беше објектот што е предмет на легализација да е изграден заклучно со 3 март 2011 година.

Со законските измени се утврди рок за доставување геодетски елаборати до крајот на следната година, а за претходно поднесените барање рокот беше пролонгиран до крајот на годинава.

Од почетокот на процесот на легализација, според последните објавени податоци, правен статус добија над 147.000 нелегално изградени објекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top