Германската влада очекува границите да бидат заштитени согласно меѓународното право, соопшти официјален Берлин. Без коментар за употребата на солзавец во Идомени.
Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт на денешната редовна прес-конференција одби да го осуди користењето на солзавец од страна на македонските безбедносни сили против бегалците и мигрантите на граничниот премин кон Грција.
– Границите треба да бидат заштитени согласно меѓународните правила – изјави Зајберт, коментирајќи го на тој начин прашањето од новинарите, дали Берлин ќе ја осуди употребата на солзавец и гумени куршуми од страна на македонските безбедносни сили.
-Контролата на границите, во секоја земја, мора да биде на линија со меѓународните правни стандарди – рече Зајберт, кој им порача на мигрантите дека „обидите да ја преминат границата не е надежно решение“.
Зајберт соопшти дека германската влада „со загриженост ги следи тешките услови за живот во привремениот камп во Идомени како и случувањата на грчко-македонската граница во последните 24 и 48 часа“.
Најголемиот дел од илјадниците бегалци и мигранти кои со месеци се заглавени во Идомени посакуваат да стигнат токму до Германија. Од затворањето на балканската рута на почетокот на минатиот месец, осетно се намали и бројот на мигранти кои пристигнуваат во Германија, откако земјата минатата година прими повеќе од 1,3 милиони луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.