Здружението на граѓани „ФАД Стоби“, денеска објави конкурс „Музата на Рацин“ за избор на заштитно лице на годинашните „Рацинови средби 2016“ во Велес.
Како што појасни за медиумите Васил Зафирчев, од организациониот одбор на манифестацијата, на конкурсот „Музата на Рацин“ ќе се избере заштитно лице на манифестацијата „Рацинови средби 2016“ со кое ќе се реализира целокупниот рекламен материјал на манифестацијата (фотосесија, програма, плакат, рекламно пано и видеоспот).
-Целта на Конкурсот „Музата на Рацин“, кој го организираме втора година, е современ третман на Рациновата муза како значајно обележје на неговата љубовна поезија, а воедно афирмација и промоција на младите од Велес и нивно активно вклучување во реализацијата на „Рациновите средби“ – појасни Зафирчев.
Право на учество на конкурсот кој ќе трае до 30 април годинава имаат сите девојки од средните училишта во Велес, на возраст од 14 до 18 години. Селекцијата на пријавените кандидатки ќе ја врши стручна жири комисија формирана од Здружението, како организатор. Кандидатите кои ќе ја поминат првата селекција на ниво на фотографија, ќе бидат повикани на аудиција, за која ќе бидат известени по електронски пат, рече Зафирчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.