| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ: Банките во Македонија имаат добар систем за спречување на перење пари

nbrm

Народната банка на Република Македонија верува во системот за контрола на банките. Досега нема наоди за незаконски дејства, но од НБРМ сметаат дека доколку има индиции за некои сомнителни сметки од Македонија во Панама во наредните контроли што ги вршат ќе се посвети повеќе внимание и ќе се земат предвид тие трансакции во репрезентативниот примерок.

Оттаму истакнуваат дека банките имаат добра инфраструктура, односно системите за спречување на перење пари, и дека доколку тие функционираат нема можност некоја трансакција да помине незабележана.

 

Народната банка еднаш во годината прави редовна контрола на репрезентативен примерок во банките, во кој се земаат предвид и големите трансакции, а врз основа на спроведените контроли на примероците велат дека трансакциите се во ред.

Појаснуваат дека задачата на Народната банка е да следи дали банките имаат добри системи за спречување на перење пари, а постапувањето по сомнителни трансакции, доколку ги има, е на Управата за финансиско разузнавање.

– Задачата на НБРМ е да обезбеди банките да имаат системи за намалување на ризиците. НБРМ ја нема надлежноста да постапува по нив, посочуваат од Народната банка и додаваат дека доколку банката има сомнителни трансакции, ја информираат Упрвата за финансиско разузнавање, а во Народната банка само информираат дека пријавиле сомнителни трансакции кај  Управата, која, пак, нема обврска да ја информира НБРМ. Санкции презема Управата.

НБРМ нема статистика колку такви се пријавени и тоа е динамична состојба која се менува.

Доколку надлежните утврдат дека има незаконски дејства кај банките, тогаш НБРМ во рамки на своите надлежности презема ригорозни мерки.

НБРМ има комуникација со надлежните институции и веруваат во нивната работа која се базира на меѓународни стандарди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top