Не е наш начин да им приоѓаме на работите со цел да изнаоѓаме изговори. Тоа е специјалност на некој друг, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, како одговор на вчерашната порака на неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос дека Македонија не ги исполнува реформите и не е подготвена за влез во Европската унија.

Попоски, кој денеска присуствува на состанок на Северно-атлантскиот совет на НАТО со земјите-контрибутори во ИСАФ-мисијата во Авганистан на министерско ниво, изјави дека Македонија останува на она што е констатирано досега од Европската комисија во период од повеќе од четири години дека земјата е подготвена за отпочнување на преговорите.
– Се разбира, клучот останува таму каде што е, а тоа е во Атина и ние се надеваме дека можеме и во тој правец да придонесеме за еден конструктивен однос од нашиот сосед кој е дел од ЕУ. Тоа би било далеку покорисно искористена енергија отколку изнаоѓањето на изговори – му порачува македонскиот шеф на дипломатијата на грчкиот министер Аврамопулос.
Денеска е планирана и средба со три земји-членки на НАТО, а тоа се Полска, Романија и Труција, кои се подготвени да поддржат динамизирање на процесот на проширување.
– Од нивна страна и досега беше изразена поддршка, но дефинитивно тие сакаат да поразговараат за продлабочување на оваа соработка и потенцирање на евро-атлантската перспектива на Република Македонија и другите земји-кандидати. Во тој контекст, нивната поддршка особено ни е значајна оти се работи за респектабилни и активни придонесители во рамки на Северната алијанса – рече Попоски
Попоски утре во Берлин ќе се сретне со шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


