Нема подобро време од сега да го отплеткаме јазолот наречен спор за името, а САД, ОН и другите пријатели се подготвени да ги помогнат вашите напори и напорите на Грција. Ова денеска го изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли на конференцијата посветена 4 Април, Денот на НАТО, на која главна тема беа предизвиците со кои се соочува Алијансата на источните и јужните граници како и перспективите за кои ќе се разговара на претстојниот Самит на НАТО во Варшава.
Амбасадорот Бејли истакна дека за членството во НАТО, државата треба да работи во три области каде САД ќе даде поддршка а тоа се односите со Грција, модернизацијата и способноста на војската и демократијата и владеењето на правото, споменувајќи ја во таа смисла, потребата од одржување на фер избори.
-Така, во декември на состанокот на министрите на членките на НАТО беше препорачано Македонија и Грција да најдат заеднички прифатливо решение за името и да се зголемат средбите, па така Коѕијас беше во Скопје, а Попоски во Атина. Второ е инвестирање во модернизацијата на армијата и трето е демократија и владеење на правото. Како што препорача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, витално е да се почитуваат обврските од договорот во Пржино и да се донесат и имплементираат реформите за избори. Кредибилни избори, работата на СЈО, реформите во медиумите и другите области заедно праќаат стратешка порака за вашата иднина во евроинтеграциите и за посветеноста на евроатланските вредности. Половичните мерки пак праќаат спротивна порака. Мојата порака е многу едноставна -зграбете ги овие можности, рече Бејли и додаде дека Македонија придонесува за регионална и глобална безбедност.
Зборувајќи за новите предизвици со кои се соочува Алијансата, тој потенцираше дека НАТО е трансатлантското јадро на глобалната сигурност а Северна Америка и Европа се врзани заедно.
-Сведоци сме дека има нови предизвици за трансатлантската безбедност на источните и јужните граници на Алијансата. Соочени сме и со предизвиците како тероризмот, сајбер тероризмот, асиметричните закани, конфликтот во Украина. За таа цел, САД одвои 3.5 билиони долари да ги адресира овие предизвици. На Самитот во Варшава во фокусот ќе бидат модернизацијата, засилувањето на воените капацитети и односите со Русија а на агендата треба да се најде и политиката на отворени врати на НАТО, рече Бејли.
Претседателот на Евроатланскиот сојуз на Македонија, Исмет Рамадани истакна дека и покрај политичката криза, Македонија останува на патот на евроатлантските интеграции.
-Нашата порака е што побрзо да ја надминеме политичката криза, лидерите на поголемите партии да направат се да се одржат фер и кредибилни избори, да се исполни се од Пржинскиот договор. Политичката криза трае многу долго и мојата препорака е да се усвои консензус на сите прашања, да се отвори пат за декриминализација на институциите и да се даде поддршка на работата на СЈО за да се организираат фер и демократски избори. Не се откажуваме од нашите напори за членство во Алијансата и се надеваме дека Македонија ќе биде тема за разговор а тоа значи и дека очекуваме ако ја надминеме кризата како награда за Македонија да ја добиеме поканата за членство во НАТО, рече Рамадани и додаде дека Македонија покажа капацитет и волја за справување со бегалската криза.
Претстојниот Самит на НАТО ќе се одржи во Варшава, Полска и поради тие причини, свое обраќање имаше и амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски кој истакна дека Самитот во Варшава ќе биде круцијален момент да се констатира прогресот од претходниот Самит на Алијансата во Велс и да се адресираат прашањата како конфликтот во Украина, ситуацијата во Северна Африка, појавата на Исламската држава, анексијата на Крим.
-НАТО треба да се одржи силен и стабилен. Европа се соочува со големи безбедносни предизвици и затоа дипломатските способности на западните држави треб а да се поткрепат со робусна сила. Европа треба да биде во можност да преговара од позиција на сила. Треба да се засили безбедноста на Европа и добро е што е се зголеми присуството на американските трупи во Европа. За да се третира проблемот со Русија треба да бидеме силни. Русија е моќна држава и клучна земја за европската безбедност. Нашата поддршка останува за политиката на отворени врати за Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија. Тоа проширување не значи подготвување за конфликт туку зголемување на безбедноста на државите, вели Мултановски.
Амбасадорот на Турција во Македонија, Омар Солендил која е контакт амбасада на НАТО за Македонија објасни дека важноста на НАТО е повидлива со тероризмот, конфликтите и бегалската криза поради овие причини никој не е безбеден.
-Бегалската криза е пред се хуманитарен проблем. Турција е домаќин на 2.7 до 3 милиони бегалци и мигранти за кои досега потроши 10 билиони долари и изградивме 26 кампови. Досега 150 илјади сириски деца се родија во Турција, а НАТО придонесува за ова не само од безбедносен туку и од хуманитарен аспект. Самитот во Варшава во контекст на состојбите во постстудената војна треба да ги третира ситуациите во Сирија, Либија, тероризмот и бегалската криза, зголемените сајбер закани, стабилноста на Авганистан. Алијансата треба да прати јасна порака дека е обединета повеќе од било кога за заеднички пристап на предизвиците на источните и јужните граници, рече Солендил и додаде дека Турција силно ја поддржува Македонија за членството во НАТО.
Шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, морнаричкиот капетан Румен Радев, во контекст на набројаните предизвици, ги потенцираше заложбите на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за баланс и адаптација што значи дека Алијансата треба да ги балансира и одвраша предизвиците од истокот и југот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.