На грчката јавност треба да и биде јасно дека затворањето на балканскиот коридор не е на штета на Грција, туку напротив во нејзина корист. Македонија никогаш не беше дел од решението за ограничување на чие било движење и никогаш не сме поддржале исклучувања на Атина од иницијативите поврзани со мигрантската криза, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за грчкиот весник „То Вима“.
-Грција дозволи импровизирани кампови на самата гранична линија со Република Македонија и со тоа ги охрабри мигрантите да користат илегални премини, со што директно ја загрози нашата национална безбедност. Потврда за ова е инцидентот на 14 март, кога околу 2500 лица беа илегално уфрлени на македонска територија, вели Иванов запрашан како го коментира затворањето на балканскиот коридор и дали смета дека Атина требало да биде вклучена во дискусиите за изнаоѓање решение за напливот на беглаци по Балкнаската рута.
-Трагедијата е што ваквата практика продолжува. И покрај затворениот коридор, секоја вечер регистрираме над 100 обиди за илегален влез во Република Македонија. По се изгледа дека одредени политичари во Грција не ја сфаќаат сериозноста на безбедносните ризици што со себе ги носи оваа криза. Веќе постојат индиции дека дел од уапсените и осомничените за терористичките напади ја користеле токму Балканската рута, вели Иванов во интервјуто за То Вима.
За парадоксот да биде уште поголем, продолжува Иванов, сега во Грција се води негативна кампања против Македонија. Грчките граѓани треба да бидат информирани дека и јавно, но и во разговорите со моите соговорници од ЕУ барав да и се помогне на Грција.
Во однос на „Мерките за доверба“ Иванов потенцираше дека тие беа на инцијатива токму на македонската страна и дека Република Македонија направи се за да изгради мостови со грчкото општество дури и во услови кога грчката влада правела се за да ја поткопа таквата соработка.
-Тука се вбројуваат и многуте неуспешни обиди за средба со сегашниот и поранешниот грчки претседател. Надвор од секаква логика е претседателите на две соседни земји, без оглед дали сегашни или поранешни, да не се сретнат ниту еднаш. За чудо, до денес нема позитивен одговор од Атина за моја средба со грчкиот претседател, иако не инсистираме ниту на формат, место, време или тема на средбата, изјави тој.
Средби со македонски стопанственици, професори, студенти или новинари уште долго време ќе бидат незамисливи за официјална Атина, смета Иванов.
-На 25 март, по повод прославата на Денот на независноста на Грција, по втор пат присуствував на дипломатскиот прием кој го приредува грчкиот амбасадор во Скопје. Веќе следниот ден, мојот грчки колега, претседателот Павлопулос, ја „врати услугата“ – со уште една навредлива изјава за Македонија, посочува Иванов.
Ниту еден проблем, вели Иванов, не бил решен со негово игнорирање и избегнување на комуникација. „На таков начин нема да се реши ниту мигрантската криза, ниту прашањето за името. Егото и агресивните политики од минатото треба да се заборават еднаш засекогаш, а за доброто на новите генерации и нивниот напредок, треба да се соочиме со проблемите, не да бегаме од нив“ , порача претседателот Иванов во интервјуто.
Запрашан на што се должи „замрзнувањето“ на преговорите за прашањето околу името, претседателот Иванов порача дека тој секој пат бил и е подготвен за директни средби со кој било политичар и општественик од Грција.
Моите средби со премиерот Ципрас се охрабрувачки, вели Иванов.
-Реалноста е дека Република Македонија е суверена и независна држава, и со наметнати и еднострани решенија невозможно е да имаме соодветно затворање на ова прашање“, изјави тој.
Тезата што ја пласираа одредени грчки политичари, дека Македонија се обидува својот влог во мигрантската криза да го пазари за членство во НАТО или ЕУ, Иванов ја оцени како небулозна.
Иванов изрази надеж дека повеќето Грци сфаќаат дека Република Македонија не е непријател на нивната земја, туку напротив, е нација со која Грција дели многу повеќе отколку што се чини на прв поглед.
-Би сакал да има доволен број на политичари во Атина кои би имале храброст да го признаат ова и да го спојат со непобитниот факт дека сигурна, стабилна и напредна земја на нивната северна граница, членка на ЕУ и НАТО, е во најдобриот стратешки интерес на Грција“, порачува Иванов во интервјуто за „То Вима“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани