| четврток, 6 декември 2018 |

Кинотека на Македонија ќе слави 40 години постоење

Април е месецот во кој – секоја година се слави „роденденот“ на Кинотеката на Македонија. Поточно, на 27 април оваа година, Кинотеката ќе го прослави своето 40-годишно постоење и работа на прибирањето, обработката, чувањето, заштитата и презентацијата на филмови и филмски материјали од посебно национално и светско уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Овие 40 години за Кинотеката значат многу, не само за луѓето кои биле и се дел од неа, туку и за сите соработници, вљубеници во филмот и посетители кои биле дел од настаните кои се одржувале во просториите на Кинотеката.
Оваа јубилејна 40-та година ќе биде одбележена со свечена академија по повод 40-годишнината од постоењето на Кинотека на Макдеонија и со свечено доделување на наградата „Златен објектив“ за особен придонес кон македонската кинематографија на македонски автор. Исто така, по овој повод, публиката ќе може да ги погледне и реставрираните филмови ХАЈ-ФАЈ на Владимир Блажевски, ЖЕД на Димитрие Османли и ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) на Коле Ангеловски.
Значајно е да се нагласи дека Кинотеката на Македонија, и покрај дигитализирањето на филмовите и
осовременувањето на опремата во кинотечното кино, сепак не се откажува од проекциите на 35-мм филмска лента, па затоа, овој месец, сите љубители на филмот ќе можат да го погледнат култниот филм ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА на Буњуел, како и филмот ЛУЛУ на Валеријан Боровчик.
Освен тоа, овој месец, од 7 до 9 април, во рамките на кинотечното кино, Кинотеката на Македонија во соработка со Филозофското друштво на Македонија по втор пат ќе го организира Филозофскиот филмски фестивал, во чии рамки ќе бидат прикажани филмовите ЕДЕН МАЖ И ЕДНА ЖЕНА на Клод
Лелуш, КАСАБА на Нури Билге Џејлан и ДВАНАСЕТ ГНЕВНИ ЛУЃЕ на Сидни Ламет.
Освежување во филмската програма во овој пролетен месец ќе внесе и програмата на Скопскиот филмски фестивал, во чии рамки од 22 до 30 април, во Кинотеката ќе се прикаже и дел од програмата на овој фестивал како што е ретроспективата на тајвански филмови…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top