| четврток, 6 декември 2018 |

Дехари продолжува со хајката против административците Македонци во Кичево

фото Кичево.мк

Дел од јавната администрација, сите од различни сектори во кичевската локална самоуправа, во петокот бил информиран дека од вчера ќе биде разместен надвор од матичниот објект. Вчераутро тоа и се случило, пишува „Кичево.мк“ повикувајќи се на свои извори.

Повеќе од десет административци, сите Македонци, со различни квалификации и од различни сектори и одделенија биле сместени во една просторија кај поранешна „Слобода“. Просторијата не ги исполнува условите за обавување административни работи, а вработените немаат добиено никакви работни задачи и обврски.

Се очекува уште најмалку 20 лица, сите од различни области и сектори, во текот на оваа недела да бидат отстранати од општинската зграда во други  периферни простории. Доколку ова се реализира, општинската зграда во најголем дел ќе биде пополнета со Албанци.

Неофицијално се зборува за слични резови и од јавните претпријатија во надлежност на Општина Кичево и отпуштање на околу 70 луѓе.

Како што дознава „Кичево.мк“, во петокот девет луѓе, од кои едно лице со посебни потреби, се испратени дома од градинката „Олга Мицеска“, работничкиот универзитет „Кочо Рацин“.

Сите овие резови и прераспределби се прават без никаков ред бидејќи најавуваната систематизација не е донесена. Единствениот критериум е етничката припадност.

Минатата недела беа отпуштени петнаесетина административци и пожарникари. Градоначалникот Фатмир Дехари како образложување посочува на неможноста истите да бидат исплатени и дека Општината била во долгови. Претходно беа преземени административците од четирите општини кои, во согласност со новата територијална поделба, беа укинати. Последните случувања се сериозен удар врз соживотот во Кичево, пишува „Кичево.мк“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top